Рускиот опозиционер имаше ултиматум од властите да се врати во земјата до 30 декември, во спротивно ќе му бидат активирани две условни казни за проневера на пари
Тој од август до денеска беше во Германија каде се лекуваше од труењето со нервен гас
Руската полиција го уапси опозиционерот Алексеј Навални веднаш по слетувањето во Москва, пренесе АФП.

Критичарот на Кремљ, се врати во Русија откако се лекуваше во Германија поради труење. Навални ја напушти Германија каде помина неколку месеци во опоравување од труењето со нервен гас во август, со летот од аеродромот Бранденбург во Берлин, нешто после 15 часот и 15 минути, на руската авиокомпанија „Победа“, дел од државниот „Аерофлот“. Неговиот авион беше пренасочен и слета на Шереметјево наместо на Внуково, поради тоа што таму биле собрани голем број негови приврзаници.
„Јас преживеав. А сега Путин, кој издаде наредба да ме убие, им кажува на своите слуги да сторат се што можат за да не се вратам“,
напиша лидерот на опозицијата на својот Инстаграм профил неколку дена пред летот.
Во пресрет на неговото заминување, Навални им се заблагодари на луѓето што се грижеа за него во Германија, вклучувајќи ги лекарите, полицијата и политичарите, кои ги запозна за време на неговиот петмесечен престој.
„Ви благодарам пријатели!“,
напиша тој на германски во објава на Инстаграм.
Три дена пред неговото враќање, руската Федерална казнено-поправна служба (ФСИН) соопшти дека планира да го приведе Алексеј Навални при пристигнувањето во Москва, поради судската одлука за замена на условната казна со ефективна.
Во соопштението се истакнува дека осудениот Навални се наоѓа на „списокот на барани лица со наредба за апсење“.
Навални официјално беше предупреден на можноста за укинување на условната казна и замена со ефективна, доколку не се појави во Москва до 30 декември, но тој не се појави.

Навални има две условни казни по пет години за два случаи за проневера на пари – „Кировлеса“, за проневера од над 16 милиони рубљи и за „Ив Роше“ за проневерени повеќе од 30 милиони рубљи.
ФСИН се повикува на напис објавен во списанието „Лансет“ заснована на материјали од германската клиника „Шарите“, во кој се наведува дека од отпуштањето на Навални од 20 септември до 12 октомври „сите последици од неговата болест поминале“.
Поради тоа од него беше побарано да се појави пред институциите во Русија. Доколку тоа не го стори, Одделот го известил дека може да биде приведен.
Во декември, Истражниот комитет отвори нов кривичен случај против Навални за голема измама, за проневера на 356 милиони рубљи за лични потреби од собраните 588 милиони рубљи обрани од донации. Опозицијата ги отфрла сите обвинувања како политички мотивирани.
Тој за новинарите во авионот изјави дека не се плаши од апсење кога пристигне во Москва.

„Да ме уапсат? Тоа е невозможно, јас сум невин. Се чувствувам како руски граѓанин кој има целосно право да се врати дома. Ова е најдобро време за тоа. Се чувствувам прекрасно. Конечно се враќам во мојот роден град“,
изјавил тој пред новинарите кои купиле билети за истиот лет за бидат присутни на неговото враќање во Москва.
Навални и неговите сојузници на најавите за приведување гледаа како на обиди да се спречи неговото враќање и ги охрабрија приврзаниците да дојдат и да го пречекаат вечерва на аеродромот Внуково.
Повеќе од 2 000 луѓе на Фејсбук се изјаснија дека планираат да го пречекаат, иако температурите во Москва се движат околу -20 степени Целзиусови.

Неколку активисти од вториот по големина град во Русија, Санкт Петерсбург, кои патуваа за Москва да го пречекаат Навални, рекоа дека полицијата ги запрела на градската железничка станица и на аеродромот.
Полицијата распореди повеќе сили во Внуково, со предупредување дека нема да бидат дозволени масовни собори поради ограничувањата поради ковид.
Беа поставени и барикади за да се блокира погледот кон делот за пристигнувања. На медиумите не им бил дозволен влез внатре во аеродромот. И Обвинителството во Москва во петокот предупреди да не учествува на „јавен настан“ организиран на аеродромот Внуково, велејќи дека тоа не е дозволено. Неколку минути пред терминот за слетување на авионот во кој беше Навални, властите го затворија аеродромот и летот го пренасочија на Шереметјево.
На социјалните мрежи вечерва се појавија видео – снимки на кои се гледа дека полицијата уапсила дел од поддржувачите на Навални кои го чекаа да слета.