Апасиев едно зборува пред камерите, друго прави зад затворени врати, глумејќи тврдокорен, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Левица на чело со Димитар Апасиев намерно го блокира Изборниот законик, за, како што велат оттаму, алчност и политички театар.
Оттаму додаваат дека иако „на маса“ бил ставен договор во кој биле прифатени барањата на Левица, сепак партијата го блокира процесот.
„Апасиев повторно го погази зборот, алчни само за пари Левица го блокираат Изборниот законик. Левица и Димитар Апасиев докажаа дека нивните зборови не вредат ништо кога ќе дојде време да се преземе одговорност. Иако со консензус од сите политички партии беше прифатено она што Димитар Апасиев и Левица го бараа, а тоа е повеќе пари за финансирање на кампањата од Буџетот, квазилевичарите денес тој договор го поништуваат. Левица со денови јавно зборува за принципи, демократија и една изборна единица, а кога на маса беше ставен договор во кој беа прифатени нивните барања, решија да го блокираат процесот и Изборниот законик“,
велат од владејачката партија.
За ВМРО-ДПМНЕ, целта на Левица е да креира вештачки кризи со цел да соберат политички поен плус наместо напредок, реформи и современ и функционален Изборен законик.
„Левица избра да се служи со провиден политички маневар иако фактите се јасни, беше постигнат широк политички консензус и беа прифатени решенија кои ги бараше и Левица. Левица избега од договореното, Апасиев се повлече и одлучи да го блокираат процесот. Граѓаните на дело го видоа лицемерието и двојните стандарди на Апасиев и Левица. Единствено што му е важно на Апасиев се повеќе пари, Апасиев едно зборува пред камерите, друго прави зад затворени врати глумејќи тврдокорен. Левица нуди само популизам. Левица нема решенија, Апасиев нуди само блокади“,
велат оттаму.
Левица инсистира на една изборна единица, додека власта ги нарекува „левичари од Тему“ бидејќи според нив намерно го блокираат носењето на измените на Изборниот законик, за пари.
СДСМ, пак, е против електронско гласање на дијаспората.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека завчера во парламентот имало состанок меѓу политичките партии во обид да се постигне решение за спорните прашања меѓу власта и дел од опозицијата за измена на Изборниот законик, но договор не бил постигнат поради, како што рече, радикализираните позиции на дел од партиите.
Вели дека сè помалку е оптимист оти ќе се постигне согласност за Изборниот законик.
