Блерим Река, кандидатот на албанските опозициски партии на последните претседателски избори во Северна Македонија, е предложен за министер за надворешни работи на Косово. Ова официјално го соопшти мандатарот за формирање на новата косовска влада, Албин Курти.
Од Движењето Самоопределување, јас како премиер предложив: за втор заменик претседател на владата да биде Хаки Абази, за министер за правда, Албулена Хаџиу, за минитер за надворешните работи и дијаспора, Блерим Река, за министер за финансии, Бесник Мусли, за министер за економија, трговија и индустрија, Розета Хајдари и министер за здравство и спорт, Арбен Витиа. Да започнеме со работа одма за доброто на граѓаните, според програмата за која се договоривме.
изјавил Курти.
Претседателот на Косово Хашим Тачи се очекува денеска да му го додели мандатот за формирање на новата косовска влада на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори во земјата.
Сега следува 15 дневен период во кој новиот мандатар треба да достави предлог до Собранието за новиот владин состав, кој ќе биде гласан, по што Река и дефинитивно ќе стане министер за надворешни работи на Косово, доколку гласањето помине во косовскиот парламент.
Река е роден во Скопје, дипломирал на Правниот факултет при универзитетот во Приштина, а докторирал на универзитетот во Грац. Во периодот од 2006 до 2010 бил македонски амбасадор во Европската Унија. Река бил декан на факултетот за јавна администрација при универзитетот на Југоисточна Европа, како и проректор на истиот универзитет.