„Три дена и возрасни и деца се шокирани од убиството на 14-годишниот ученик. Целата динамика на трагедијата ја истакнува трајната закана со која живеат сите семејства кои воспитуваат деца во денешниот свет, каде што социјалните мрежи, а особено Тик-ток или Снапчет, секојдневно ги внесуваат нашите деца во нивните лавиринти од најмала возраст“, изјави албанскиот премиер Еди Рама
По крвавиот настан во кој во Тирана со нож беше усмртено 14-годшно момче од негов врсник и растот на врсничкото насилство, албанската влада денеска најави ограничувања во користењето на социјалните мрежи од страна на малолетници или целосна забрана на Тик-ток или Снепчет.
„Три дена и возрасни и деца се шокирани од убиството на 14-годишниот ученик. Целата динамика на трагедијата ја истакнува трајната закана со која живеат сите семејства кои воспитуваат деца во денешниот свет, каде што социјалните мрежи, а особено Тик-ток или Снапчет, секојдневно ги внесуваат нашите деца во нивните лавиринти од најмала возраст“,
рече албанскиот премиер Еди Рама.
На прес-конференцијата по владиниот состанок, Рама додаде дека гарантирањето на безбедноста на децата е приоритет над приоритетите, „но вистинските одговори не се толку едноставни во овие предизвикувачки услови“.
„Нашата дилема како влада е дали и ние треба да се обидеме да одиме во насока на поставување филтри, а всушност од сите досегашни искуства во Европа или пошироко дознаваме дека нивната ефикасност е сè уште многу ниска“,
нагласи тој.
Во меѓувреме, како што додаде Рама, врсничкото насилство и случаи на малтретирање во онлајн светот на деца и тинејџери само се зголемуваат.
„Размислуваме да преземеме драстична мерка за целосно затворање на Тик-ток и зошто да не и Снепчет на територијата на Република Албанија. Решивме ова да го ставиме на широка расправа во сите родителски заедници каде што сите училишта ќе бидат ангажирани под раководство на Министерството за образование да донесат одлука, што е можно подемократска, за ваков голем и комплексен проблем по содржина и сопствено решение“,
рече албанскиот премиер.
Во Албанија неколку години во сила е одлуката за забрана за користење мобилни телефони за време на наставата.