Алијансата за Албанците и Алтернатива официјално утре ќе го соопштат ставот околу предложената резолуција од страна на ВМРО-ДПМНЕ со која треба да се дефинираат „црвените линии“ за спорот со Бугарија.
„Ние како Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива имаме став за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ, но тој официјално ќе биде соопштен утре“,
рече денеска портпаролот на Коалицијата, Шефик Дураку.
Тој рече дека ставот ќе го соопшти или претседателот на Коалицијата или некој од нивните пратеници.
Првиот вицепремиер од редовите на владиниот коалициски партнер ДУИ, Артан Груби, денеска рече дека тие немаат ништо против резолуцијата, но бараат текстот да се усогласи меѓу сите парламентарни партии, бидејќи за усвојување на такви документи тоа било пракса и претходно.
„Ништо не ни пречи, ја поддржуваме. ДУИ веќе 20 години ги застапува интересите на Албанците, Македонците и на сите граѓани и затоа денес сме во НАТО и на чекор до ЕУ. Бараме само текстот да биде усогласен со сите парламентарни партии, што е претходна пракса при усвојување вакви резолуции и да не претставува дополнителна пречка во билатералниот спор. Ние во неколку наврати истакнавме дека идентитетот, јазикот, културата и историјата се неспорни и не можат да бидат дел од спор во 21 век“,
рече Груби за Плусинфо.