Дрогата е откриена со скенер пред возилото да се качи на траектот кој пловел на релација Драч-Анкона, а требало да се растовари во Џенова
Судот во Драч му одреди мерка притвор на македонскиот државјанин Назиф Ајровски (40), возач на камионот во кој албанската полиција откри 324 килограми кокаин.
„Рочиштето прво беше одложено поради немање официјален преведувач. Но, судијата попладнево му одреди мерка притвор“,
пренесува МИА, повикувајќи се на Топ Чанел.
Во обвинението, Ајровски се посочува како лице кое ја превезувало дрогата, но дека соработувал со други лица за таа да стигне до Италија.
Кокаинот во вкупна количина од 324 килограми и 400 грама, спакувана во 300 пакетчиња, беше откриена на 18 овој месец во камион со македонски регистарски ознаки, кој официјално пренесувал метални плочи. Бил управуван од Назиф Ајровски од село Дебреште, Прилепско. На албанска територија преку преминот Ќафасан влегол претпладнето на 16 јуни, а задржувањето по патот го објасни дека бил приморан, бидејќи се загревал моторот.
Тој тврди дека немал никакви сознанија за дрогата, стои во изјавата на која се повикува агенцијата Балканвеб.
Дрогата е откриена со скенер пред возилото да се качи на траектот кој пловел на релација Драч-Анкона, а требало да се растовари во Џенова.