Иако уште не е завршен процесот на пребројување на гласовите во сите општини, премиерот на Албанија, Еди Рама, веќе објави победа и ги повика сите поддржувачи да ѝ се придружат на владејачката партија на прославата на плоштадот „Скендербег“ во 18 часот
Процесот на пребројување на гласовите за парламентарните избори во Албанија е завршен во 10 општини. Од досега добиените податоци, Социјалистичката партија (СП) на Еди Рама води во општините Елбасан, Корча, Валона, Ѓирокастро, Фиер и Берат, додека опозициската Демократската партија триумфира во Скадар, Лежа, Дебар и Кукс.
Пребројувањето сѐ уште трае во две општини, и тоа во главниот град Тирана и во Драч.
Од преброените гласови досега, СП води со 703 792 гласа, ПД-АН има 570 054, а ЛСИ досега има 99 385, додека ПСД 32 519 гласа.
Според овие гласови, СП на актуелниот премиер Еди Рама би имала 74 пратеници, додека опозицијата предводена од Љуљзим Баша 59 пратеници, а ЛСИ на Моника Круемади 3 пратеници.
Од 5 199 избирачки места, досега се преброени гласовите во 4 803, а од досегашните преброени гласачки ливчиња, 75 235 се неважечки.