Околу 40 проценти од досега заразените во Тетовско сѐ уште се лекуваат, за разлика од главниот град, Прилеп и од Велес, каде што тој сооднос е помал
Со денешните 19 новозаразени со ковид-19, вкупната број на активни случаи во земјава е 381, наспроти 1 367 оздравени и 110 починати од почетокот на епидемијата.
Според статистиката на Министерството за здравство, по Скопје, Тетово сега е вториот град со најголем број активни случаи на коронавирусот, односно 63 од вкупно 151 од почетокот на епидемијата. Или околу 40 проценти од досега дијагностицираните случи на вирусот сѐ уште се активни.
Во Скопје, денеска има 145 активни случаи на ковид-19 од вкупно 647 заразени досега. Според бројката на заразени што сѐ уште се лекуваат, на трето место е Прилеп, со 59 активни случаи од 203 евидентирани од почетокот на кризата. Во Велес, од вкупно 126 заразени од почетокот на епидемијата, до денес се активни 53 случаи.
Во последното деноноќие во Тетово, сепак, е дијагностициран само еден нов случај на ковид-19 од вкупно 19 во земјава, а во овој град има и уште тројца оздравени. Од Тетово е и еден од четирите нови смртни случаи. Двајца од починатите, пак, се од Скопје, а еден од Прилеп.
Од друга страна, се смирува ситуацијата во градовите кои беа најголеми жаришта на ковид-19 во земјава, соодветно на бројката на жители. Во Куманово моментно има 22 активни од вкупно 418 регистрирани случаи, што е сооднос помал и од десет проценти. Во Дебар, пак, вкупната бројка на заразени веќе цел месец „стои“ на 51. Општината, во која беше прогласена кризна состојба уште пред прогласувањето на вонредната состојба во земјава, сега е на листата на општини, односно градови во кои веќе нема активни случаи на ковид-19.