Граѓанските здруженија и иницијативи бараат од Владата да се најде начин и за тоа како да се регулира јавниот превоз
Барање од 1 јануари идната година да се воведе забрана за увоз на возила постари од 10 години и под стандардот ЕУРО 5 денеска 10 граѓански здруженија и иницијативи доставија до Владата.
Во дописот, како што рекоа претставници на „О2 Иницијатива“ во денешната изјава од пред Владата, се бара и увозот на нови возила да е со минимален стандард ЕУРО 6.
Барањата, велат од „О2 Иницијатива“, се во насока на намалување на високото и животнозагрозувачко аерозагадување во земјава што е причина за серија на болести и смртност кај населението.
„Ова особено се бара со оглед на најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година“,
пишува во барањето.
Во нивното образложение се наведува дека возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соединенија, кои постарите автомобили ги емитираат во поголема мера.
„Овие возила, особено со помината поголема километража, покрај зголемената емисија на ПМ честички, што ги активираат проинфламаторните и канцерогени патишта во организмот и другите штетни емисии на гасови, имаат зголемени емисии на многу токсичните јаглеводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените, бензо(а)пиренот. Ова се генотоксични, канцерогени и мутагени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата“,
се нагласува во барањето до Владата.
Според Ели Пешева, ова не значи оти тие не мислат за доброто на граѓаните и дека ги скратуваат од единствениот начин на транспорт во овој град.
„Исто така, бараме од надлежните, особено од Владата, иако знаеме дека не е сѐ под ингеренција на Владата, туку има поделени ингеренции и со општините и со останатите институции, мора да се најде начин како да се регулира јавниот превоз“,
рече Пешева додавајќи дека околните држави функционираат на база на јавен транспорт со електрични автобуси што не загадуваат.
Таа нагласи дека не ги двојат ниту такси – превозниците, никој да не биде привилегиран на тема – загадување.
Пешева рече дека ова е само еден дел од проблемот.
„Апсолутно сметаме дека и надлежното министерство и Владата генерално и општините, мора да фатат точка по точка да ги решаваат сите овие горливи прашања. Ние неколкупати досега и како О2 иницијатива, но и во коалиција со останатите граѓански здруженија што работат на оваа проблематика, сме доставувале и барања и сме нуделе решенија. Така што, нема оправдување дека не знаат од каде да почнат или дека се нема начин од каде да се почне“,
додаде Пешева.
Според Татјана Стојановска, мора да постои контрола на тоа што се увезува.
„Ние апсолутно почитуваме дека Владата со оваа мерка сака да обезбеди економски придобивки за граѓаните, со тоа што ќе овозможи увоз на поевтини возила. Но, мора да имаме контрола на тоа што се увезува, бидејќи аерозагадувањето кај нас е многу голем проблем и функционира во сите сегменти. Ова е еден од сегментите што директно влијае на аерозагадувањето“,
рече Стојановска.