Шумскиот пожар за кратко време пеплосал површина од 800 хектари, поради што повеќе села се евакуирани, главната сообраќајница е делумно затворена, а брзиот железнички сообраќај е во прекин
Ерик Брокарди од француската национална федерација на пожарникари, изјави дека ова е првпат противпожарни авиони да бидат испратени од вообичаено посувиот и потопол југ на земјата за да гаснат пожар во Парискиот Регион
Француските власти вчера упатија два противпожарни авиони во регионот на Париз откако голем пожар од исклучителни размери, како што го опишуваат надлежните, избувна во пространата шума Фонтенбло, која се наоѓа на околу 60 километри југоисточно од главниот град, пренесуваат светските медиуми.

Пожарот започнал вчера доцна попладне во некогашниот кралски ловечки резерват, каде што денес се наоѓаат голем број живописни и мирни села. Огнената стихија за кратко време се проширила на површина од 800 хектари, а според информациите на локалните власти, пожарот продолжил да се шири и денеска наутро. Поради стихијата, пренесува „Гардијан“, делумно е затворен автопатот А6, главната патна артерија на земјата во насока север–југ, што доведе до нарушување на сообраќајот за време на прометниот топол летен викенд.
Прекини имало и во брзиот железнички сообраќај во регионот. Француската железничка компанија СНЦФ (SNCF) синоќа сооопшти дека имало доцнења и од шест часа на возовите кои пристигнуваат или заминуваат од париската станица Гара де Лион.
Противпожарните авиони ноќеска морале да ги прекинат операциите, а во меѓувреме, околу 15 домови биле евакуирани во селото Воду, додека истовремено пожарникарите бранеле неколку други градови од огнената стихија во областа, соопштиле од локалната противпожарна служба.
Според надлежните, доколку не била интервенцијата на противпожарните авиони, ќе морале да се евакуираат и другите села во регионот.
Околу 400 пожарникари се ангажирани во локализирањето на пожарот, кој избувна два дена пред прославата на националниот празник на Француската република – Денот на Бастилја, на 14 јули, односно утре.
Ерик Брокарди од француската национална федерација на пожарникари, изјави дека ова е првпат противпожарни авиони да бидат испратени од вообичаено посувиот и потопол југ на земјата за да гаснат пожар во Парискиот Регион.
Тој додал дека два противпожарни хеликоптери и еден авион за набљудување исто така помагале во гаснењето на пожарот.
„Целта е да се спасат животи и имот“,
изјави Брокарди.
Претходно пожарникарите успеале да се справат со пожар кој го блокирал автопатот што води источно од Париз, а поради кој во прекин била линијата на брзиот воз кој оди кон југот на Франција.
Инаку, Парискиот Регион и големи делови од остатокот на Франција, од мај се соочуваат со серија топлотни бранови кои зафатија повеќе земји од Западна Европа, доведувајќи до рекордно високи температури, и беа причина за голем број смртни случаи во Белгија, Велика Британија, Франција и Шпанија. Уште неколку други европски земји, исто така, се соочија со рекордно високи температури, многу над вообичаените просеци.
Објаснувајќи ги причините за екстремно високите температури во Европа, научници посочуваат дека топлотните бранови што го зафатија континентот минатиот месец, во голем дел се должат и на климатските промени.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нуњез, кој според најавите од неговиот кабинет денеска треба да го посети Фонтебло, изјави дека шумските пожари годинава во земјата проголтале површина од 17 000 хектари.
Сумирајќи ги сите бројки, тој навел дека вкупно е опожарена површина од 25 000 хектари, што, според министерот, е двојно повеќе од истиот период минатата година.
