Според наодите од анкетното истражување „Еврометар“ на Центарот за европски стратегии – „Евротинк“, доколку утре се одржи референдум со прашање – дали сте за влез на Македонија во ЕУ, високи 75 проценти би гласале позитивно.
Анкетата направена пред и по одлуката на Европскиот совет покажуваат дека непосредното влијание на француското вето е минимално, односно над половина од испитаниците очекуваат земјата да почне преговори во 2020 година и се надеваат дека тоа ќе се случи на Самитот на ЕУ во Загреб.
Граѓаните се оптимисти и сметаат дека по почетокот на преговорите земјата би станала членка на Унијата за 5-10 години.
Во однос на причините поради кои Македонија не доби датум за почеток на преговорите, над половина од испитаниците односно 56,8 проценти нагласуваат дека вината треба да се насочи кон неспроведувањето реформи на домашен план. Една четвртина од граѓаните наведуваат дека се работи за внатрешни проблеми во Унијата.
Најголем број испитаници или 18,3 проценти на прашањето која држава или меѓународна организација е најголем пријател одговориле „ниту една“.
За свои најголеми пријатели, македонските граѓани ги сметаат Германија (16,2%), Србија (11,8) , САД (9,7%) и Турција (7,4%).
На прашањето дали постои земја или меѓународна организација што претставува закана за земјава, 36,2 отсто одговориле потврдно, а на прашањето која би можело да биде таа држава или меѓународна организација, 37,1 оцениле дека тоа е Грција, 10,5 Албанија, 8,8 проценти Бугарија, 5,5 отсто Русија, 5,2 проценти САД, 4,7 отсто Косово и 2,5 проценти ЕУ.