„На прашањето, како можеме да ги решиме проблемите околу границите, одговарам дека тоа е преку европска перспектива. Ако дозволиме некои земји да станат членки во ЕУ, тие проблеми ќе исчезнат“, рече словенечкиот премиер на прес-конференцијата во пресрет на словенечкото претседателство со ЕУ
Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, попладнево одржа прес-конференција во Европскиот парламент на која доби прашање за наводниот словенечки нон-пејпер во кој се споменува промена на границите на Западниот Балкан. Јанша нагласи дека членството на земјите од Западен Балкан треба да биде стратегиска цел за ЕУ, јави МИА од Брисел.
За еден месец Словенија ќе го преземе кормилото на Европската Унија, а денеска премиерот Јанша ги наброја приоритетите на неговата земја за време на претседавањето со ЕУ.
На новинарско прашање за наводниот словенечки нон-пејпер, кој циркулираше во Брисел пред неколку месеци, Јанша не кажа дали тој или неговата влада е автор на овој документ, но ја изложи словенечката позиција за ЕУ перспективата на Западниот Балкан и проширувањето.
„Проширувањето на ЕУ е стратегиски одговор за многу од тековните предизвици“,
рече словенечкиот премиер, кој одговараше на прашањата во Брисел преку видеоврска од Љубљана.
Конкретно за промената на границите содржана во наводниот нон-пејпер, Јанез Јанша изјави:
„На прашањето, како можеме да ги решиме проблемите околу границите, одговарам дека тоа е преку европска перспектива. Ако дозволиме некои земји да станат членки во ЕУ, тие проблеми ќе исчезнат.“
Тој нагласи дека ова не може да се случи преку ноќ и дека за тоа е потребен консензус од сите земји на ЕУ.