Во врска со денешниот упад во просториите на М-НАВ, претседателот на Синдикатот на контролори на летање рече дека не го знае точниот број на лица кои влегле во зградата, но дека во кругот на објектот од страна на обезбедувањето на Македонската навигација биле пуштени две до четири возила од кои потоа излегле непознатите лица
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ, Александар Тасевски, вечерва во интервју за ТВ Сител изјави дека не се исклучува можноста за штрајк на контролорите доколку не се расчисти инцидентот од попладнево кога во просториите на Македонската навигација беа нападнати тројца вработени од страна на свој колега и неколку други непознати лица кои успеале да влезат во објектот и покрај двојното обезбедување.
За евентуалниот штрајк и потенцијалното затворање на воздушниот простор, како што рече Тасевски, ќе се одлучува на вечерашниот состанок на Синдикатот.
„Целиот овој настан предизвика дополнителен гнев и револт кај контролорите на летање така што, вечерва ќе се одржи состанок на кој не се исклучува можноста да одиме на варијантата на целосно затворање на воздушниот простор сè додека не се пронајдат и казнат сторителите на овој настан од денеска. Пред сè мора да го заштитиме секој контролор на летање како колега, секој друг вработен во оваа фирма, но и патницте“,
рече Тасевски во интервјуто за Сител.
Во врска со денешниот упад во просториите на М-НАВ, Тасевски рече дека не го знае точниот број на лица кои влегле во зградата, но дека во кругот на објектот од страна на обезбедувањето на Македонската навигација биле пуштени две до четири возила од кои потоа излегле непознатите лица.
„Лицата влегле во самите простории на контролата за летање каде што ние како контролори работиме и се движиме. Знаеле точно каде се упатуваат. Барале конкретни лица. Насилно било, со влечење и тегнење за на крај да ескалира и да биде проследено со физички напад“,
вели Тасевски.
Првиот синдикалец додава дека во денешниот инцидент биле нападнати контролори на летање кои се етнички Албанци зашто, како што вели, застанале во одбрана на заложбите за професионализам во контролата на летање.
„Замерката била околу тоа зошто се поддржува Синдикатот, зошто не се тргнат од целата ситуација, што, знаејќи ги моите колеги сите до еден, нема да го направат тоа бидејќи сме цврсто решени дека професионализмот ќе ги спаси не само патниците кои не прелетуваат туку и нас како контролори на летање бидејќи нашата одговорност доколку нешто би се случило е голема. Напад на еден контролор на летање е напад на секој еден од нас. Дојден е момент кога МВР треба да преземе конкретни мерки во врска со сторителите, но и да го заштити објектот на М-НАВ кој е од витален државен карактер“,
додава тој.
Денеска во просториите на Македонската навигација упаднаа неколку непознати лица. Тие, според пријавата која стигнала во МВР, заедно со еден од вработените нападнале тројца други вработени во институцијата.
Упадот следеше непосредно откако претседателот на Синдикатот на контролорите на летање одржа прес-конференција на која информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.