За време на посетата во Казахстан, американскиот државен секретар Ентони Блинкен порача дека вооружувањето на силите на Москва ќе ѝ предизвика сериозни проблеми на Кина во односите со другите земји во светот. Тој додаде дека САД јасно го предупредиле Пекинг за последиците од обезбедувањето таква поддршка
Соединетите Американски Држави директно ја предупредија Кина дека ќе ги таргетираат и ќе воведат санкции за нејзините фирми или луѓе вклучени во какви било напори за испраќање воена помош за Русија, односно за руските војници кои се вклучени во инвазијата на Украина.
За време на посетата во Казахстан, американскиот државен секретар Ентони Блинкен порача дека вооружувањето на силите на Москва ќе ѝ предизвика сериозни проблеми на Кина во односите со другите земји во светот.
„Ова го разгледуваме уште од првиот ден, а причината поради која го покренав ова прашање со другите колеги во администрацијата е затоа што сме загрижени дека врз основа на информациите што ги имаме, Кина размислува да се префрли од невоената поддршка што некои од нејзините компании ѝ даваа на Русија, во воена, материјална поддршка за руските воени напори во Украина“,
истакна Блинкен.
Тој додаде дека САД јасно ја предупредиле Кина за последиците од обезбедувањето таква поддршка.
„Нема да се двоумиме, на пример, да таргетираме кинески компании или поединци кои ги прекршуваат нашите санкции или на друг начин учествуваат во поддршката на руските воени напори“,
додаде тој.
САД и нивните сојузници во НАТО се обидоа да ја предупредат Кина во последните денови, јавно изјавувајќи го уверувањето дека оваа земја размислува да ѝ испорача на Русија воена опрема.
И покрај напорите на Кина да се прикаже себеси како неутрална страна во војната во Украина, мировниот план на Пекинг за крај на руско-укранскиот конфликт беше дочекан со скептицизам од Западот, зашто Кина во планот не се огради од Москва ниту ја осуди инвазијата што започна пред една година.