Ако имало провокации на венчавката на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, ги осудувам, вели премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања во врска со овој настан, кој викендов се одржа во манастир во Грачаница, Косово, а од каде што се појавија видеа со српски знамиња и песни за Косово, како и изјава во српските медиуми од гостин кој вели дека Србите во Македонија не можеле да се венчаваат во храмови на кралот Милутин.
„Јас внимателно ги читав изјавите на Богдановиќ и тој се надоврзува на приватната определба да се венча во, за него, историски објект. Второ, јасно кажа оти не чувствува дека тука му е забрането да се венча во православните храмови, но поради историска поврзаност тоа го направил токму таму. Тој вели дека не сака да ги поддржи коментарите на поединци кои биле гости и вели дека живее во Република Северна Македонија, ја има честа да биде градоначалник и ја сака својата татковина“,
рече Заев.
Заев порача дека не видел дали има провокации и не може да коментира, но ако има, како и во секој друг случај, ги осудува.
„Ние ги поддржуваме нашите соседи, поддржуваме дијалог кој носи мир на Балканот. Односот кој значи провокација помеѓу кој било не го поддржувам и се оградувам“,
изјави Заев.