Неодговорното сопствеништво и напуштањето на домашните миленици останува еден од најголемите извори на бездомни кучиња, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски во интервју за МИА. Укажува дека оваа година по првпат општините имаат обврска да направат проценка на популација на кучиња, а по неа да изготват план за контрола на бездомните кучиња за наредната година.
„За решавање на проблемот со бездомните кучиња, бидејќи преку намалување на бројот ќе се намали и инциденцата на каснување, недостасува една важна алка, а, тоа е регистрација на одгледувачници на кучиња. Со законските измени кои се во процедура тоа ќе се овозможи бидејќи ќе се воспостави систем за контрола на неконтролираното размножување на кучињата и другите домашни миленици преку регистрација на одгледувачници за кучиња и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче. Со законот ќе се регистрираат сопствениците на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци), одгледувачниците, продавниците за домашни миленици и пансионите за кучиња, со што ќе се зајакне контролата на овие комерцијални активности, а краен резултат е намалување на бројот на бездомни кучиња, контрола на болестите и зајакнување на одговорното сопствеништво. Нема да биде дозволено држење куче кое е репродуктивно способно, освен ако не се работи за одгледувачница за кучиња или регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци)“,
појаснува тој.