„Ова е типична ароганција на вмровски комесар кој се обидува да ја замолчи медицинската, експертската јавност за да го прикрие дебаклот на институциите и да продолжи од петни жили да прави привид дека власта успешно се справува со проблемот“, додаваат од партијата
Клековски, како што посочија од Левица, ги прекорува професорите, лекарите и специјалистите со долгогодишно клиничко искуство, иако неговиот професионален пат не е поврзан со директна болничка работа со пациенти
Од опозициската партија Левица реагираат на изјавата на министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги нареше како „слободни јавачи на епидемијата“ докторите што не се епидемиолози и инфектолоози, а активно ја коментираат состојбата со водата за пиење во Гостивар. Според него, во случајот граѓаните треба исклучиво да ги следат официјалните информации и препораки на надлежните институции.
Оттаму велат дека наместо да преземе одговорност за институционалните пропусти за состојбата со гастроентеритисот во Гостивар, тој им држи лекции на докторите и ги обвинува дека зборуваат за лајкови и кликови.

„Во момент кога Гостивар се соочува со една од најтешките здравствени катастрофи, министерот Клековски не најде за потребно да се извини за институционалниот пропуст, да ја преземе одговорноста или да одговори како системот и институциите под негова надлежност дозволил подолго време да не го заприметат и идентификуваат проблемот. Наместо тоа, одлучи да им држи лекции на докторите и да ги обвинува дека зборуваат за лајкови и кликови“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата оценуваат дека ваквото однесување претставува обид за замолчување на медицинските експерти што укажуваат на проблемите во здравствениот систем и за прикривање на неуспесите на институциите.
„Ова е типична ароганција на вмровски комесар кој се обидува да ја замолчи медицинската, експертската јавност за да го прикрие дебаклот на институциите и да продолжи од петни жили да прави привид дека власта успешно се справува со проблемот“,
додаваат оттаму.
Клековски, како што посочија од Левица, ги прекорува професорите, лекарите и специјалистите со долгогодишно клиничко искуство, иако неговиот професионален пат не е поврзан со директна болничка работа со пациенти.
„Клековски се осмелува да ги прекорува професорите од кои учел, докторите и специјалистите кои имаат реална клиничка практика, иако неговата професионална биографија покажува дека е поврзан со раководење со невладина организација и консултантска работа, а не со долгогодишно лекување пациенти во болнички ординации“,
велат од партијата.
Според партијата, функцијата министер не му дава право да одредува кои лекари имаат право јавно да зборуваат, особено кога станува збор за професионалци што секојдневно работат со пациенти.
„Одвај завршениот медицински факултет не му дава право од министерската фотелја да прогласува кои доктори смеат да зборуваат, особено кога зад себе нема никаква клиничка кариера со која би можел да им дели професионални легитимации на оние што секојдневно работат со болни луѓе“,
посочија од Левица.
Упатија критики до власта за кадровски решенија во здравствениот сектор, посочувајќи го назначувањето на Марија Андоновска за директорка на Институтот за јавно здравје, кадар со Стоматолошки факултет.
„Вакви квалификации доаѓаат од власт која за директорка на Институтот за јавно здравје ја постави Марија Андоновска, кадар со стоматолошки факултет. Институцијата која треба да биде национален столб на епидемиологијата, микробиологијата и превентивната медицина е доверена на партиска функционерка од областа на стоматологијата, додека критиките се насочени кон професори, доктори и експерти кои јавно укажуваат на пропустите“,
се наведува во реакцијата.
Од партијата додаваат дека постојат двојни стандарди во однос на критериумите за раководни позиции во здравството.
„Според логиката на ДПМНЕ, министер за здравство може да биде човек без долгогодишно клиничко искуство, стоматолог може да раководи со клучна институција за јавно здравје, нивните функционери можат секојдневно да трескаат медицински бесмислици, но доктор што не е дел од партискиот хор треба да молчи за да не собира лајкови“,
велат од Левица.
Оттаму сметаат дека Клековски наместо да одговори на прашањата од стручната јавност, се обидува да ја брани власта од критиките.
„Клековски не ја штити јавноста од нестручни совети, туку сопствената власт од стручни прашања на кои нема одговор“,
се наведува во реакцијата на партијата.
Проблемот, според Левица, не е во критиките од лекарите и експертите, туку во обидите медицинските прашања да се стават под политичка контрола.
„Кога аматерите се на функции, а професорите се повикуваат да молчат, тогаш проблемот не е во лајковите и кликовите, туку во режимската потреба секоја медицинска вистина прво да добие партиска дозвола. Во таков систем најголемата опасност не се докторите што зборуваат, туку функционерите што не знаат, не постапуваат и сепак си дозволуваат да им ја мерат компетентноста на оние од кои требало да учат“,
посочуваат од партијата.
Инаку, изјавата дека докторите што не се епидемиолози и инфектолоози, а активно ја коментираат состојбата со водата за пиење во Гостивар се „слободни јавачи на епидемијата“, Клековски ја даде денеска при посетата на старата Градска болница, а одговарајќи на новинарско прашање за ставовите на дел од експертите што укажале дека може да се очекува нов бран на пациенти со оглед на тоа што период на инкубација на вирусите е различен.
Професорот на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Институтот за микробиологија и паразитологија д-р Никола Пановски, реагира на изјавата на министерот, а преку објава на Фејсбук му порача да ги предупреди медиумите да не му бараат изјави.
Тој ги следи случувањата во Гостивар од самиот почеток и прв кажа дека има услови за прогласување на епидемија во градот.
