Инспекторите кај 15 оператори утврдиле дека има незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 била најдена храна со поминат рок на употреба, а кај пет имало храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана
За два дена од оваа недела инспекциските служби од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршиле 124 вонредни контроли кај големите синџири маркети и биле изречени 29 парични казни во вкупна вредност од 82 илјади евра.
Од АХВ велат дека при контролите биле донесени 47 решенија за утврдени недоследности.
По извршените контроли, додаваат од АХВ, нештетно биле уништени 22,3 отсто небезбедна храна, од која најголем дел била месо.
Инспекторите кај 15 оператори утврдиле дека има незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 била најдена храна со поминат рок на употреба, а кај пет имало храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана.
Кај три од контролираните маркети инспекторите утврдиле дека вработените немале задолжителни здравствени прегледи. Десет оператори, пак, не воделе записи за системот НАССР и за добра хигиенска и производствена пракса.
При контролите, кај четири оператори биле најдени несоодветно означени производи, а еден објект не бил регистриран.
Според АХВ, целта на контролите била за проверка дали операторите се регистрирани во АХВ за сите дејности и активности во секој од објектите, дали и колку се исполнети општите и посебните хигиенски услови за храна, а контролирано било и водењето записи за НАССР, добрата производствена и хигиенска пракса, означувањето на храната, плановите за сопствено мострирање на операторите, спроведувањето на операциите за пакување/препакување, дезинфекција, контрола на штетници.
Со вонредните контроли од АХВ велат дека биле опфатени и магацините на операторите.