Лидерот на ДУИ, кој деновиве се пофали дека за една година фрлил две „бомби“ – за премиер Албанец и за зелената агенда, синоќа од Чаир ја фрли и третата „бомба“ – за претседател по етнички клуч
Заев, коментирајќи ја новата иницијатива на коалицискиот партнер, изјави дека би се радувал ако граѓаните, со мнозинство гласови од сите етнички заедници во земјава, изберат Албанец за претседател, пред сè како личност и граѓанин, а потоа и како припадник на етничка заедница
Со ново „изненадување“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја зокружи втората недела од кампањата за локалните избори. На синоќешниот митинг во скопски Чаир, тој пласираше идеја за Албанец претседател на државата, по сличен принцип како што пред ланските предвремени парламентарни избори го лансираше предлогот за прв премиер Албанец на земјава, кој тогаш предизвика искричења меѓу ДУИ и СДСМ.
На митингот во Чаир, Ахмети истакна дека иницијативата за премиер Албанец, практично, е реализирана, алудирајќи на именувањето на Артан Груби за прв вицепремиер – нова функција што беше воспоставена при формирањето на новата владина коалиција меѓу ДУИ и СДСМ минатата година. Во тој контекст, Ахмети порача дека премиер Алабанец ќе биде на чело на Владата пред изборите што ќе се одржат за три години, односно сто дена пред следните избори за пратеници, а наместо технички премиер од редовите на опозицијата.
„За првпат во историјата на оваа земја, влегуваме на изборите што ќе се одржат за три години со албански премиер. Да, 100 дена. Но, да ја кажам вистината, не можам да сум на раат без да скршам некаква барикада, бидејќи не ми изгледа добро. Барикадите се кршат, барикада по барикада, ѕид по ѕид. Министер за одбрана – да, министер за внатрешни работи-да, претседател на Собранието – да, министер за надворешни работи – да, прв вицепремиер – да. Следната барикада, шеф на државата,“
рече Ахмети во Чаир.
Неговиот колаициски партнер, премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја новата иницијатива, изјави денеска дека би се радувал ако граѓаните на Северна Македонија, со мнозинство гласови од сите етнички заедници во земјава, изберат Албанец за претседател, пред сè како личност и граѓанин, а потоа и како припадник на етничка заедница. Одговарајќи на прашање дали, можеби, има договор со ДУИ за претседател Албанец, Заев рече дека претседател се избира на непосредни избори, согласно со Уставот на земјата, а не се договара меѓу партии.
„Ќе го чекам моментот кога граѓаните, и Македонци и Албанци, Срби, Власи, Турци… ќе бидат подготвени да изберат граѓанин кој не е Македонец. Ова е наша заедничка земја, овде сме сите родени, татковците и дедовците ни се родени тука, а тука ќе ни биде и заедничката иднина. Тој момент сакам да го дочекам, да бидам жив и здрав, јас, а и сите ние. Тоа ќе значи афирмација на личност, на граѓанин пред сè, без разлика на етничката определба. Да помине кај граѓаните, со поддршка од најмалку 50 отсто од Македонците, 50 отсто од Албанците, 50 отсто од Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите кои што живеат во нашата земја,“
рече Заев.
За време на викендот, на митинг во Сарај, Ахмети, во својот говор, се пофали дека за една година фрлил две „бомби“ – за премиер Албанец и за зелената агенда.
„Ние се движиме кон остварување на визиите и кон иднината. Пред една година ја фрлив ‘бомбата’ за албанскиот премиер, па потоа втората ‘бомба’ за зелената агенда“,
рече Ахмети во Сарај.
Ден подоцна, Ахмети фрли и „трета бомба“, нафрлајќи ја идејата за претседател Албанец, без да прецизира како би се реализирала таа.
Пред ланските избори, предлогот за премиер Албанец, практично, беше во центарот на кампањата на ДУИ, која избра и свој кандидат за премиер – Насер Зибери, кој, иако не стигна до премиерската фотеља, половина година по изборите беше избран во парламентот за народен правобранител. Во меѓувреме, Груби стана прв меѓу четворицата вицепремиери во овој кабинет на Заев.
Летоска, спроти распишувањето на локалните избори, Ахмети најави изненадување со кое неколку дена се лицитираше во јавноста, сè додека лидерот на ДУИ не сооопшти дека неговата партија станува „зелена“.
Заев тогаш оцени дека е добро што ДУИ ја заокружи етничката агенда и се врти кон граѓански политики.
Следните претседателски избори треба да се одржат за околу три години, кога би требало да се спроведат и парламентарни избори во редовниот рок. Првиот мандат на актуелниот претседател Стево Пендаровски, всушност, завршува, во мај 2024 година.
На последните претседателски избори, во 2019 година, ДУИ немаше свој кандидат за претседател на државата, туку го подддржа Пендаровски, како кандидат на СДСМ, а согласно со принципот за кој Ахмети се залага уште од пред претседателските избори во 2014 година – за консензуален (кандидат за) претседател.