Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по денешното негово сведочење во случајот „Монструм“, вели дека барале да се повтори судењето за овој предмет, а на прашањето како тие барале да се врати судењето вели дека како политички авторитети имаат одговорност да ја менаџираат ситуацијата. Тој смета дека ако не се расчисти случајот како што треба може да има последици.
„Побаравме повторување на овој процес, повторно судење затоа што судовите и обвинителството беа многу чувствителни, ранливи и целата јавност беше во необјаснета ситуација, вклучително и семејствата кои ги загубија своите во овој трагичен настан, вклучувајќи ги и тие што беа осудени. И ние инсистиравме ова судење да се повтори со докази со меѓународно мониторирање, тоа го побаравме и од Брисел и од Вашингтон – овој процес да се мониторира. Ни рекоа дека веруваат во мониторирањето на ОБСЕ. Пред сè, ние сакавме вистината да излезе на виделина и да победи правдата, бидејќи само така можат да најдат мир тие што ги загубија своите најмили, но не да се инструментализира некој, туку тој што го има сторено делото и да одговара, да нема селективна правда“,
изјави Ахмети.
Лидерот на ДУИ не одговори прецизно како тие барале да се повтори судењето, ако се има предвид дека решението за повторно судење го донесе Врховниот суд, но рече дека како политички партии имаат одговорност.

„Ние разговаравме со политичките авторитети затоа што политичките партии имаат одговорност да ја менаџираат ситуацијата. На крај наша проценка беше дека ова судење мора да се повтори со материјални докази на најтранспарентен начин за целата јавност, затоа што е навистина трагичен случај и ако ова не се расветли така како што треба може да има последици бидејќи некој сака ова да го искористи во политички цели, во најлоши цели за да ги стави двете страни во конфликт“,
вели Ахмети.
Тој вели дека не може да суди дали обвинетите се виновни или не, но за неговата политичка партија вели дека ја платила највисоката целта.
„Ние очекуваме судските власти да го разрешат и расветлат случајот. Ние како политичка партија плативме висока цена, сите нè обвинуваа дека сме поврзани со случајот, нема никој друг кој повеќе од нас сака да се расветли овој случај затоа што политичката цена ја плаќаме ние“,
рече Ахмети.