Ниту лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не сака да открие дали „каменот на сопнување“ во разговорите со СДСМ е нивното барање за премиер Албанец.
Прашан дали нивниот став е ДУИ да има премиер една година од мандатот, а останатите три – СДСМ, Ахмети рече дека не сака да ги оптоварува преговорите.
„Не сакам прв да го кажам последниот збор. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока и подготвени сме ова да го направиме за државата затоа што придобивка ќе имаат стабилноста и државата, како и доближувањето на заедниците“,
рече Ахмети.
Ахмети не одговори дали има спорни точки во преговорите бидејќи, како што рече, тие се на самиот почеток.
„Се надевам дека сите партии ќе имаат силна волја за да ги надминеме разликите и потешкотиите“,
вели Ахмети.
Како одговор на Заев, кој пред него изјави дека ниту денеска не постигнале договор за влада, Ахмети рече „колку што сме блиску толку сме и далеку од формирање влада“.
Во однос на контактите со другите партии рече дека го информирал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за започнатите разговори со СДСМ.
„Г-динот Мицкоски беше прагматичен, ми посака успех во разговорите. Било каков епилог да имаат разговорите ние би сакале да си продолжиме со комуникацијата со партиите како и досега“,
вели Ахмети.
За повикот на ДУИ за средба на партиските лидери од албанскиот блок во четврток, Ахмети појасни дека не се работи за средба заради одбележување на денот на потпишувањето на Рамковниот договор, туку дека е на барање на помалите политички партии за да ја продолжат комуникацијата на заедничка маса.
„Секогаш мене ме бележат дека јас не ги поканувам на таа маса иако јас не бев следниот кој треба да го свика тој состанок, ако не се лажам тоа требаше да биде ДПА. Ова не е ниту момент за да му се закануваме некому или да правиме притисок врз преговорите помеѓу ДУИ и СДСМ, туку е само по барање на тие политички партии“
тврди Ахмети.
Ахмети потврди дека на средбата ќе побара поддршка од останатите партии на Албанците во земјава за идеата за премиер Албанец велејќи „тоа прашање секако е на маса“.
На прашањето дали може да се состави влада со премиер Македонец, рече дека не може да преудицира за тоа.