Воопшто не стана збор за оставки, одговори Али Ахмети на новинарско прашање дали се барала оставка од првиот вицепремиер Артан Груби на состанокот кој денеска го одржа Централното претседателство на ДУИ.
„Беше разговарано за принципи, стратегија, за програма, за обврските кои не очекуваат како влада. Но, се разбира треба да се даде отчет и никогаш не сум побарал да се спречи поинаквото мислење, секогаш сум бил поборник и сум охрабрувал работите да се кажуваат отворено со цел секој да ја објасни работата што ја прави. Функционерите се должни да дадат отчет пред органите на партијата бидејќи партијата е таа која ја презема одговорноста, таа бара доверба од граѓаните“,
изјави Ахмети, пренесе Алсат М ТВ.
Изминатиов период често се зборува за превирањата во ДУИ, главно конфликт меѓу струите во скопската организација на партијата и меѓу членови на пратеничката група и министри односно координаторот на пратеничката група на интегративците Изет Меџити и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџепи, од една страна, како предводници на скопското крило, и првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи, од друга страна, кои се најистурените министри од оваа партија.
Ахмети, пак, наспроти ваквите информации вечерва испрати пораки дека партијата е обединета и оти се разјаснети сите работи.
„Целта на ова беше јавноста директно да види дека ДУИ е и ќе биде обединета и подобро организирана. Разговарано е за сите прашања, јавноста е заинтересирана затоа што имало разни информации поради немање средби и објаснувања, сега сите работи се разјаснети и ги уверувам сите гласачи на ДУИ и Албанци, и тие што не гласале за ДУИ, дека партијата е добро организирана сила и сноси одговорност 20 години по ред во оваа држава за многу важни процеси. Објаснети се сите разлики, не остана ништо без да се објасни до последен атом затоа што пред нас има важни обврски, доаѓаат локалните избори и пописот и сакаме да бидеме дел од придонесот“,
изјави Ахмети.