Силно го поддржувам Косово во овие одлучувачки моменти на дијалогот со Србија и во сите други чекори за целосна интеграција на сите меѓународни нивоа, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако претпладнево испи кафе со косовскиот премиер Албин Курти во пресрет на дијалогот Белград–Приштина во Охрид.
„Независно Косово е реалност и правда која дојде во сопствената земја и e потврдена и од Европа и од САД и не може никако да се оспори. Го охрабрив премиерот Курти за позитивен епилог од дијалогот за принципите на меѓусебно признавање, прокламирани од посредниците на ЕУ кои имаат искрена цел да ја задржат стабилноста и европската иднина на целиот Западен Балкан“,
објави Ахмети на фејсбук.
Медиумите јавуваа дека на средбата Ахмети речиси цело време му објаснувал нешто на косовскиот премиер кој слушал и повремено се вклучувал во разговорот.
Вчера во интервју за „360 степени“, во пресрет на денешните настани во Охрид, Курти беше прашан и за тоа дали го сменил партнерот меѓу албанските партии во Северна Македонија, со оглед на тоа што на последните парламентарните избори ја поддржа Алијанса за Албанците, со која тогаш раководеше Зијадин Села, а во последниов период тој се зближува со Ахмети.
Косовскиот премиер одговори дека комуницира со сите и дека се води од државниот и националниот интерес.
Инаку, Охрид е местото каде што денеска се одржува нова средба во рамки на дијалогот Белград и Приштина. Поради средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, градот е под посебни безбедносни мерки.
На состанокот на кој ќе посредува високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
- Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина во Охрид
- Курти на кафе со Ахмети пред дијалогот со Вучиќ
- Претседателот Пендаровски од Охрид: Преговорите Белград – Приштина се исклучително важно регионално прашање
- Ги охрабрувам да бидат конструктивни, дијалогот значи и отстапки, вели Ковачевски за средбата Курти – Вучиќ