Лидерот на ДУИ во изјава за ТВ 21 го окарактеризирал за грешен потегот на оние кои, како што рекол, се обидуваат да гребат по минатото и да отвораат страници што не се отвораат и оценил дека сето ова е во интерес на изборната кампања
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во изјава за ТВ 21 повикал на внимателност во однос на изјавите поврзани со воениот конфликт од 2001 година кој, меѓу другото, беше дел од вчерашното обраќање на претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, од митингот во Куманово.

Ахмети го окарактеризирал за грешен потегот на оние кои, како што рекол, се обидуваат да гребат по минатото и да отвораат страници што не се отвораат и оценил дека сето ова е во интерес на изборната кампања.
„Според кандидатката за претседател и како професорка по меѓународно право, Ослободителната народна армија (ОНА) треба да одговара затоа што ја извојувале слободата, борците на ОНА беа борци за слобода, а не платеници и дезертери, се изборија за своите права, потпишаа Меѓународен договор со НАТО, со ЕУ, со САД, потпишан и од тогашниот претседател Борис Трајковски и од мене како главен командант на ОНА’,
рекол Ахмети во изјава за ТВ 21.
Лидерот на ДУИ додал оти сите треба да бидат свесни и внимателни во однос на изјавите поврзани со 2001 година и настан, воен конфликт, кој се случи пред отприлика четврт век.
„Неколку пати сум кажал минатото е болно и не треба да се заборави, но не треба да ни се повтори“,
порачал Ахмети.
Реакцијата на лидерот на ДУИ следува по синоќешниот митинг на Гордана Силјановска-Давкова од Куманово каде што таа, меѓу другото, алудирајќи на воениот конфликт од 2001 година, рече дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат.
На изјавата на претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ реагираше и лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците. Порача оти со вакви изјави Силјановска-Давкова нема да може да ја добие поддршката од втората заедница во државата.