Во селото Слупчане, кумановско, попладнево се одржа церемонија, на која е откриена 20-метарска спомен кула во чест на падните борци на ОНА, а на самата свеченост присуствуваа сите врвни функционери на ДУИ.
Во пресрет на церемонијата министерот за економија, Крешник Бектеши, објави фотографија на Фејсбук, на која се гледа како тој и партискиот лидер Али Ахмети патуваат кон Слупчане.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во текот на својот говор порача дека ОНА е составен дел од историјата на нашата земја, без која не би можел да се постигне Охридскиот мировен договор.
„Овој споменик не нѐ дели, овој споменик нѐ обединува. Ослободителната народна армија е нераскинлив дел од историјата на оваа земја. Не може да има историја на оваа земја без ОНА, не може да има иднина оваа земја без најголемото достигнување, Охридскиот мировен договор – резултат на оваа армија. Иднината на оваа земја е Договорот од Преспа, договор кој нѐ направи членка на НАТО“,
порачаа Ахмети.
Овој споменик Ахмети го најави уште лани на 2 мај, датумот на кој ДУИ го слави „денот на мачениците на народот“. Како што соопштија локалните власти, изградбата на спомен-кулата чинела 200.000 евра.