Ќе видиме каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес, рече Ахмети
Се разговара со Алијанса за Албнаците за влез во Владата и за зацврстување на владејачкото мнозинство, потврди претседателот на ДУИ Али Ахмети, по единаесет часовната маратонска седница на Централното претседателство на партијата на кое ова било и едно од темите за разговор.
„Беше отворена и оваа тема. Средбите со нивни претставници ги остварив јас. Ги има остварено и Ковачевски со Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес. Ние, како Албанци имаме потреба за поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на остварување на мисијата“,
рече Ахмети.
Наспроти Ахмети, премиерот Димитар Ковачевски ги отфрла како шпекулации сите тврдења дека на средбата со Тараври во петокот е разговарано за влез на Алијанса за Албанците во Владата.
„Вчера имавме состанок со Таравари во Владата, а после тоа имаше некои шпекулации во јавноста околу тоа за што сме разговарале. На средбата разговаравме токму за тоа за што и кажавме, а тоа беше за европската иднина на државата која сите ја посакуваме и сите одлуки кои треба да се носат во парламентот со широк општествен и политички консензус. Но, пред се разговаравме за сите оние закони и реформи кои се однесуцваат на владеење на правото, борбата со корупцијата и справувањето со енергетската криза. Во Собранието има над 130 закони, одлуки, регулативи кои се блокирани од неодговорното однесување пред се на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ и разговаравме токму за тоа“,
рече Ковачевски.
Премиерот тврди дека не е разговарано ниту за тоа во кои ресори би била преземена одговорност од страна на Алијанса за Албанците.
Ковачевски рече дека ДУИ знае за неговите контакти со останатите партии со кои делат заеднички вредности и во тој дел сите информации се споделени многу транспарентно и се сите политички партии во коалцијата на исто ниво информирани.
Од Алијанса за Албанците, по средбата со Ковачевски рекоа дека не добиле понуда за влез во Владата.
Таравари рече дека таа можност не е исклучена, но ако се случи тоа партијата нема да ги помине црвените линии кои се неопходни за да продолжат да преговараат.
„Имаме пакет мерки кои сме ги кажале и ако евентуално почнеме преговори најверојатно тој сет мерки ќе бидат нашиот услов за евентуално влегување во Владата“,
рече Таравари.