Да го оставиме минатото зад нас и да гледаме кон иднината за идните генерации да не се занимаваат со детали и препреки, да се потсетиме на крвта на оние кои се жртвуваа за оваа земја, па да се обединиме за ЕУ, рече лидерот на ДУИ
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, вечерва пред жителите на тетовската општина Брвеница изјави дека самото членство во Европската Унија ќе помогне да се запре процесот на иселување од државава.
„Излеговме за заедничкиот фронт за Европа бидејќи денес е вистинскиот и одлучувачки момент, затоа го започнавме скринингот кој завршува во ноември и меѓувладината средба мора да продолжи за да започне полноправното членство на нашата земја во ЕУ. Со самото членството во ЕУ, ја запираме миграцијата од нашата земја и помагаме младите генерации да не нè напуштат. Имаме морална и национална обврска да ја запреме миграцијата, да ја обезбедиме иднината и да ги помириме луѓето. Да го оставиме минатото зад нас и да гледаме кон иднината за идните генерации да не се занимаваат со детали и препреки, да се потсетиме на крвта на оние кои се жртвуваа за оваа земја, па да се обединиме за ЕУ“,
рече Ахмети.
Ахмети пред присутните сопартијци се осврна и на геополитичките процеси и на руското влијание во земјава и регионот.
„Регионот има нерешени проблеми кои мора да се решат, бидејќи во спротивно предизвикуваме нестабилност, па без затворање на проблемот со Косово не можеме да кажеме дека имаме стабилен Балкан, како и без затворање на кризата во Црна Гора и Босна. Кремљ е заинтересиран за поттикнување и активирање на конфликтни вулкани во нашиот регион, затоа мора да работиме за доброто на нашата земја, да изградиме проевропски фронт. Албанците и нивните сограѓани ја испратија државата во НАТО, па сега треба да ја испратиме и во ЕУ, но само со мудра и обединувачка политика. И покрај ризиците, ќе стигнеме до целта бидејќи никогаш не сме го изгубиле патот до некоја дестинација ако сме со добра намера“,
потенцираше Ахмети.
Првиот вицепремиер Артан Груби, обраќајќи се пред присутните во Брвеница, ги нагласи успесите што членовите на ДУИ ги имаат во Владата, но, како што рече, има забелешки за тоа.
„Вие самите сте сведоци колку се спроведува и колку е успешна програмата на ДУИ, но гледам дека има забелешки за овој успех на ДУИ. Вакви кампањи имало секогаш, особено во клучни моменти за државата. Сега кога сме на прагот на уставни измени, има напади од Мицкоски со фотографии и од Апасиев кој се занимава со ДУИ. Зошто ДУИ? Бидејќи ДУИ е гарант на мирот и евро-американски партнер, а токму претседателот Ахмети е тој кој го одржа во живот патот на дијалогот и решенијата за доброто на државата, НАТО се направи со Али Ахмети. Денеска претседателот ја започна оваа кампања за да се потенцира целокупната важност на членството на земјата во ЕУ. Ние сме на вистинскиот пат бидејќи сме на патот на Али Ахмети“,
изјави Груби.
И шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во Брвеница говореше за успесите што ги има Министерството за надворешни работи.
„Оваа година е извонредна во однос на вниманието што Европа го има кон Западен Балкан. Следната година ќе биде доцна, затоа не треба да ја пропуштиме оваа можност да го продолжиме патот кон интеграцијата на земјата. Се наоѓаме во период на политичка транзиција, од квантитет кон квалитет. Приоритетите се веќе променети, еднаш Албанците во ОБСЕ го презентираа насилството што беше вршено врз нив, а денес јас го водам ОБСЕ. Ова се моменти каде што е потребна решителност, бидејќи ние веќе не сме маргинализиран народ, туку носители на важни одлуки. Порано имавме слаба застапеност во државната администрација, немавме универзитети, училишта или доктори, па сега не ни требаат бројки што нè претставуваат, туку ни треба квалитет и професионализам. Оваа мисија е постигната заедно, па да го искористиме овој историски момент. Македонија повеќе не може да се гледа како центар на конфликти бидејќи политиката на Али Ахмети ја промени таа слика, враќајќи го мирот и дијалогот“,
појасни Османи.
На средбата во Брвеница говореа и Фатон Ахмети – генерален секретар на ДУИ и Аркин Јахији – претседател на огранокот на ДУИ во Брвеница.