Лидерот на ДУИ тврди дека идејата за прв премиер Албанец во Северна Македонија е стара 11 години, што би значело од 2009 година, кога имаше претседателски и локални, но не и парламентарни избори
Идејата за прв премиер Албанец во земјава, според лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потекнува уште пред 11 години, а во последните три три-четири месеци почнале консултации и разговори со потенцијалните кандидати за таа позиција.
„Разговарав со речиси десет можни кандидати за премиер. Зибери, на кого оваа идеја му изгледаше достапна, но и други кандидати со кои разговарав ја поддржаа оваа идеја, но од различни причини, не можеа да ги остават нивните агенди за да влезат во оваа активност. Зибери изрази подготвеност и досега успешно комуницира со јавноста и ја објаснува својата програма за тоа како ќе ја води извршната власт во земјава“,
рече Ахмети во гостување на ТВ Клан.
Тој истакна дека жали што неговите конкуренти не ја гледаат, не ја студираат платформата на ДУИ и им порача внимателни да ја следат документацијата, историјата на партијата бидејќи, како што рече, „во иднина може да се случи да паднат на минско поле, како што сега паднаа“.
„Жал ми е што тие не ги анализирале и проучувале нашите платформи, програми и цели што ги имавме уште пред 11 години: министер за одбрана, министер за внатрешни работи, спикер на Собранието. Ако ги прашавте во тоа време, тие сигурно би рекле дека не се изводливи, но сега овие работи се реализирани“,
рече тој.
Во врска со изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев дека е здраво за државата ДУИ да оди во опозиција, Ахмети рече дека ниту Заев, ниту Мицкоски, ниту кој било друг не одлучува што е здраво за земјата и додаде дека за здравјето на државата граѓаните ќе одлучуваат на 15 јули.
„Што се однесува до ДУИ, веројатно има многу очекувања, затоа што ДУИ е пречка за многу партии и тие можат да очекуваат такво нешто. Но нивните очекувања ќе останат како во ‘Чекајќи го Годо’, затоа што сигурен сум дека гласачите на ДУИ нема да го дозволат тоа на 15 јули и ќе ни дадат силна поддршка, исто како што ни даваа во текот на две децении“,
рече Ахмети.
–