Ахмети вели дека ако процесот на преговори со Алијанса за Албанците има позитивен епилог, тоа би придонело многу за остварување на една конструктивност и стабилност на парламентарното мнозинство

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, уште еднаш потврдува дека преговорите што се прават со Алијанса за Албанците за нивни влез во Владата сè уште се во фаза на почетни средби и нема договорено ништо конкретно.
„Во оваа насока се очекува одржување на наредни средби“,
вели Ахмети.
На новинарско прашање дали ако дојде до влегување на Алијанса за Албанците во Владата се доведува во прашање единството на парламентарното мнозинство, но и на интегративците, Ахмети вели дека ако процесот на преговори има позитивен епилог тоа би придонело многу за остварување на една конструктивност и стабилност на парламентарното мнозинство.
Лидерот на ДУИ не одговори конкретно дали партијата е подготвена да отстапи две министерски позиции во замена за Министерството за правда.
„Не сакам погрешно да ве информирам затоа што за овие теми се уште не е разговарано. Сè уште се наоѓаме во почетна фаза на разговорите“,
одговори Ахмети на новинарски прашања по Свечената академија по повод 114-годишнината од Конгресот во Битола и Денот на албанската азбука, што се одржа денеска во Скопје.
Изјава на оваа тема денеска повторно имаше и премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој рече дека разговарале со в.д. претседателот на АА, Арбен Таравари, за европската иднина на земјава, за борбата против корупцијата, за справување со економската и енергетска криза.
И Ковачевски, како и Ахмети, тврди дека за конкретна распределба на министерства не се дискутирало. Разговорите, рече Ковачевски, се водени на ниво на политички концепт и вредности.
„Ако имате некој со кого коалицирате, тогаш прво мора да се договорат основните базични вредности на кои ќе се базира политичката коалиција, а потоа за поделба на ресори и преземање на одговорност“,
рече премиерот.
Тој уште еднаш порача и дека врата за влез во Владата е отворена за оние политички партии што ги делат истите вредности на владината коалиција и се залагаат за продолжување на европскиот пат на државата бидејќи друга алтернатива нема.
По средбата на Ковачевски со в.д. лидерот на Алијанса за Албанците Таравари исто така потврди дека не добиле никаква понуда за влез во Владата, но доколку тоа се случи партијата нема да отстапи од своите црвени линии кои ги има поставено.