Од денот на моето именување, сè до овој момент, посочува Речи, достоинствено се соочив со сите предизвици кои се појавија во поглед на правната заштита на имотните права и интереси на државата, преку редовно преземање соодветни мерки и правни средства вршејќи ги своите надлежности
Државниот правобранител Агрон Речи поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради лични причини, информираат од Државно правобранителство на РСМ. Речи од Владата бара да ја прифати неговата оставка на наредната владина седница и согласно Законот за државно правобранителство, најдоцна во рок од седум дена од престанокот на вршење на функцијата, да биде именуван за државен правобранител за подрачјето на Охрид, од каде што бил именуван пред да стапи на функцијата.
„Оваа оставка ја поднесувам од лични причини од кои најдоминантно влијание врз ваквото мое одлучување имаше околноста што сум фамилијарна личност, со оформено семејство кое не живее во градот каде што ја извршував функцијата. Одвоениот живот од семејството го инсинуира овој формален чин на напуштање на функцијата од моја страна. При потполно чиста совест и здрав разум, неприсилен од никого поднесувам неотповиклива оставка од функцијата државен правобранител на РСМ поради лични причини“,
се вели во оставката на Речи.
Од денот на моето именување, сè до овој момент, посочува Речи, достоинствено се соочив со сите предизвици кои се појавија во поглед на правната заштита на имотните права и интереси на државата, преку редовно преземање на соодветни мерки и правни средства, вршејќи ги своите надлежности.
„Државното правобранителство, вклучувајќи ме мене како носител на шефовската функција, чесно и доблесно ги извршуваше своите законски овластувања и обврски во поглед на застапување на државните и јавните органи во РСМ, без во ниту една ситуација да наоѓа алтернативи и механизми за избегнување на одговорностите“,
стои во неговата оставка поднесена до Владата.
Тој дополнува дека до Владата поднел предлог за разрешување на двајца правобранители поради нестручно и несовесно вршење на функцијата, што било прифатено, и посочува дека за уште едно такво барање, за разрешување на државен правобранител од подрачјето на Скопје, се уште нема одлука. За дејствијата на кои се однесува предлогот, нагласува Речи, се води истражна постапка пред Основното јавно обвинителство.
„Непостапувањето на Владата фрла сомнеж врз околноста дали власта ќе се бори против криминалните дејствија, кои беа особено нагласувани и истакнувани како приоритетен проблем во македонското правосудство од страна на актуелниот премиер или пак таквата флоскула беше употребена само заради набивање на политички поени во предизборна кампања“,
вели Речи во оставката.
Речи со одлука на Владата од 18.4.2023 година беше именуван за државен правобранител. Претходно тој ја вршеше функцијата државен правобранител за подрачјето на Охрид, каде што бил именуван со одлука на Владата од ноември 2020 година.