Сепак, како што наведува таа, САД можат само да наметнат одреден вид на санкции за лицата за кои истрагите ќе покажат дека се поврзани со корупција, како финансиски санкции или забрана за патување во САД. Но, за тоа како ќе се поставува, односно какви мерки ќе се преземат против нив во земјава, зависи од институциите во С Македонија
„САД може да санкционираат поединци, но ние не ги апсиме“, вели американската амбасадорка во интервју за емисијата „Патот кон“ на Алсат ТВ
Институциите во Вашингтон се многу внимателни во темелените истраги во врска со истрагите за лица од земјава чии имиња би се нашле на т.н. „црна листа“ на санкции на Соединетите Американски Држави пред тие да бидат објавени, вели, американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во интервју за емисијата „Патот кон“ на Алсат ТВ.

Како што открива амбасадорката, во истрагите на американските власти се опфатени политичари, луѓе од правосудниот сектор и бизнисмени.
Сепак, како што наведува таа, САД можат само да наметнат одреден вид на санкции за лицата за кои истрагите ќе покажат дека се поврзани со корупција, како финансиски санкции или забрана за патување во САД. Но, за тоа како ќе се поставува, односно какви мерки ќе се преземат против нив во земјава, зависи од институциите во С Македонија.
„САД може да санкционираат поединци, но ние не ги апсиме, не доаѓаме овде да ги апсиме, само им кажуваме дека им наметнуваме одредени финансиски санкции или дека повеќе нема да можат да патуваат кон САД, или каква било форма на санкции што ќе ги добијат. Значи, САД може да кажат, еве имате две имиња на луѓе кои ќе ги санкционираме и како што видовме со случаите што ги наведовте, санкциите остануваат и покрај судските одлуки што се донесени за тие лица, но не поттикнуваат никакви судски процеси овде. Ова и припаѓа на владата на Северна Македонија, на функционерите избрани од народот на оваа земја. Тие треба да кажат: бараме од нашите избраници да преземат одговорност за корупцијата што ја гледаме секој ден“,
вели Агелер.
За потсетување, меѓу последните кои САД ги сместија на црната листа се поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, со нивните потесни семејства. Објаснувањето од американската влада беше дека ова е одговор на нивната вмешаност во значителната корупција.
Инаку, американската амбасадорка, неодамна изјави дека во наредните месеци ќе има едно или две лица што ќе се најдат на листата на санкции. Но, како што посочи, информациите за тоа треба да дојдат од Вашингтон.
Листата на санкции што САД ја подготвуваат и на која се очекува да се најдат корумпирани фукционери од земјава, стана актуелна во јавноста откако на почетокот на декември, минатата година амбасадорката на Твитер објави дека американски тим пристигнал во Скопје за поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери.