„Ние веќе соработуваме во голема мера, а ќе продолжиме да работиме да се прошири таа соработка. Во годината што следува има повеќе цели и предизвици што треба да се исполнат и за Армијата и за Министерството за одбрана“, рече американската амбасадорка во земјава
Нема поголем поддржувач и партнер во остварување на вашите цели од Соединетите Американски Држави (САД). Знам дека тоа беше повторено и на средбата меѓу американскиот претседател Џо Бајден и македонската претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Ова денеска го изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер при нејзината посета на армискиот полигон „Криволак“, одговарајќи на новинарското прашање во која насока ќе се реализира најавената поддршка на САД за Северна Македонија, нешто за што беше разговарано и на средбата на двајцата претседатели.
„Двајцата претседатели навистина имаа одличен состанок“,
рече таа.
На прашањето дали е разговарано за одредена сума на помош, Агелер рече дека не е посочена конкретна сума за која е дискутирано.
Според неа, како што посочиле и министерот за одбрана и премиерот, има повеќе проблеми што треба да се решат во овој ресор, но додаде дека поддршката и соработката ќе продолжи и во иднина.
„Ние веќе соработуваме во голема мера, а ќе продолжиме да работиме да се прошири таа соработка. Во годината што следува има повеќе цели и предизвици што треба да се исполнат и за Армијата и за Министерството за одбрана. Како што кажав и претходно, вие ќе имате најголем поддржувач и партнер во остварување на овие цели во САД“,
рече Агелер
Сиљановска-Давкова на 27 септември на социјалните мрежи објави фотографија од средба со американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил на приемот за шефови на држави. Нејзината посета на САД беше во рамките на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации (ОН).
„Срдечен поздрав во знак на меѓусебно разбирање и поддршка. Изразив восхит од инспиративните обраќања на претседателот Бајден и неговата сопруга Џил на приемот за шефови на држави“.
напиша таа на Фејбук.