Намалувањето на корупцијата е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство, истакна во своето обраќање амбасадорката на Соединетите Амерински Држави во земјава, Анџела Агелер на настанот во Скопје по повод одбележувањето на јубилејната 30-годишнина од партнерството на УСАИД со С Македонија
Иако чекорите по патот кон Европската Унија, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија, истакна во своето обраќање амбасадорката на Соединетите Амерински Држави во земјава, Анџела Агелер на настанот во Скопје по повод одбележувањето на јубилејната 30-годишнина од партнерството на УСАИД – Американска агенција за меѓународен развој со С Македонија.

Агелер посочи дека САД постојано ја поддржуваат целта на Северна Македонија да биде добро управувана, демократска земја, нудејќи еднакви можности за сите нејзини граѓани, уште од стекнувањето на независноста во 1991 година.
Фокусот денес, како што рече таа, е на подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога за иднината на земјата и намалување на корупцијата.
Американската амбасадорка нагласи дека во текот на изминатите три децении, односот со земјава еволуираше во стратешко партнерство и сојуз.
Сега, додаде Агелер, работиме заедно како рамноправни партнери и пријатели за заеднички да создаваме и имплементираме локални решенија и да донесеме одржлив развој и позитивни промени.
„Сега повеќе се фокусираме на вашето лидерство и инвестирање во три клучни области: подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Последново, намалувањето на корупцијата, е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство“,
порача амбасадорката.
Агелер истакна оти САД се горди што се партнери на земјава изминативе 30 години, во текот на кои, како што рече, бевме сведоци на значителни промени, подвлекувајќи дека пред земјава има уште многу предизвици.
„Соединетите Држави ќе продолжат да бидат тука за да ги поддржат вашите напори и со нетрпение очекувам заеднички да ги продолжиме тие напори. Да продолжиме со партнерството за подобра иднина“,
порача американската амбасадорка Анџела Агелер.
Инаку, во контекст на борбата против корупцијата, најострата критика за изборот на Ислам Абази за шеф на најважното и најмоќно обвинителство во земјава дојде токму од Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Таа изрази отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на Обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата.
Во писмениот одговор на прашања на „360 степени“, беше јасно посочено дека амбасадорката и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, патем, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.
УСАИД го одбележа 30-годишниот јубилеј со културно-уметничка програма во осум градови во земјава преку која се истакна соработката со граѓаните на Северна Македонија во на поттикнување на реформите кои и помагаат на земјата на патот кон евроатлантските интеграции.
Слични настани беа организирани во седум градови, а со денешната манифестација во Скопје завршувуваат активностите по повод јубилејот.
Од отворањето на Канцелариите на УСАИД во земјава во 1992 година во текот на изминатите 30 години, Американската агенција за С Македонија обезбеди повеќе од 840 милиони американски долари развојна помош, која што беше наменета, пред се, за зајакнување на образованието, економскиот раст, демократијата и владеењето на правото.
Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) е основана на 3 ноември 1961 година со усвојувањето на Законот за странска помош од страна на Конгресот. Таа обедини неколку постоечки организации и програми за странска помош, а предводник на оваа трансформација беше претседателот Џон Ф. Кенеди.