Јовица Страшевски, новиот адвокат на ексградоначалникот на Гази Габа и обвинет во случајот ТНТ Тони Трајковски, преку отворено писмо го прозва претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, за мандатот на поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска.
Оваа поротничка е во судечкиот совет кој постапува во предметот ТНТ и неа адвокатите ја оспоруваа од две причини. Прво, затоа што има наполнето 60 години и според Законот за судови треба да и прекине мандатот, и второ, затоа што паралелно и истекол четиригодишниот мандат кој почнала да го извршува на 24 декември 2015 година. Судскиот совет најави дека на следната седница ќе го констатира прекинот на мандатот на поротничката затоа што има наполнето 60 години, а Страшевски преку отвореното писмо го прозива Здравев, прашувајќи зошто се одолговлекува одржувањето на седница, но и за другата околност – дека мандатот на поротничката секако е истечен бидејќи поминале четири години и тоа не треба да се констатира на седница.
„Со протекот на рокот за која е избрана од четири години по сила на закон и по автоматизам, тоа лице не може и не смее да се претстави и да присуствува на ниту едно рочиште во својство на судија поротник по истекот на нејзиниот мандат“,
наведува адвокатот во писмото, барајќи Судскиот совет да не одолговлекува и да му го укаже тоа на претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев.
Страшевски преку отвореното писмо ги повикува и медиумите на прес-конференција утре, а до Здравев упатува неколку прашања:
„Врз основа на кој закон и кој член, ако се повикувате на некој закон, Судскиот совет треба да констатира престанок на мандат за судија–поротник на кого му е веќе истечен мандатот на 23.12.2019 година? Дали претседателот на Oсновниот кривичен суд има законска можност да го повика ова лице на било кое рочиште закажано од 24.12.2019 година? Зошто не излезете во јавност како орган кој треба да го контролира работењето на судовите и судии и не ги решите овие неспорни факти кои како дилема сакаат да се пласираат во јавноста? Зошто не одговорите официјално на барањето испратено до Вас од страна на Претседателот на Основниот кривичен суд во врска со поротниците во предметот ТНТ со конкретни насоки и упатства, туку тоа го правите со бледи и конфузни соопштенија?“,
прашува Страшевски и бара Здравев да ги објави дописите од Џолев и одговорите кои му се дадени.
Исто така, адвокатот прашува и дали Здравев со тоа што не презема некакви мерки, помага во повеќе кривични дела од страна на поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска и од претседателот на Кривичен, Иван Џолев.
„Дали со Вашата намера за непреземање на какви било мерки и чекори и умислено одлагање на седниците на Судскиот совет под разни околности само помагате кон сторувања на повеќе кривични дела од страна на поротникот Лилјана Ивановска – Кочковска и Претседателот на Основниот кривичен суд“,
наведува бранителот на Тони Трајковски.
Страшевски, како и другите адвокати и обвинетите во ТНТ, пак, од судијата Огнен Ставрев кој е на чело на судечкиот совет во случајов, досега беа прозивани дека сакаат да го одолговлечат судењето за овој предмет кое е пред самиот крај.
Страшевски е нов адвокат во ТНТ, откако Тони Трајковски го откажа полномошното на претходниот бранител бидејќи „не го предупредил“ дека по завршување на главната расправа за помалку од 13 часа ќе треба да даде своја одбрана. Потоа, Страшевски како нов адвокат бараше време за увид во предметот, а на едно од рочиштата Трајковски не се појави бидејќи ноќта пред рочиштето на кое требаше да почне и неговиот распит, беше претепат и заврши во болница.
Поврзани вести:
Тепањето на Тони Трајковски го одложи ТНТ, утре може да биде стражарно приведен
(ФОТО) Сопругата на Трајковски: Тони прима тетанус на Инфективна
Ќе се разрешат судијките поротнички – пет случаи на СЈО се враќаат на почеток
Судењето за ТНТ во цајтнот, на поротничка ѝ истекува мандатот утре