Делото на Мијалков застарува во април годинава, па доколку евентуалната пресуда не биде потврдена дотогаш, тој ќе се спаси од „одговорност“. Одбраната е убедена дека пресудата ќе „падне“ пред Апелација, но и тврди дека не купувала време затоа што ниту еднаш не се одложило рочиште по нивно барање, туку одолговлекувањето било вина на Кривичен. Од тие причини, го повикуваат Судскиот совет да го провери одолговлекувањето на судскиот процес
Одбраната на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд за пресудата во случајот „Титаник 2“ каде тој денеска во повторено судење беше осуден на две години затвор за делото примање наградата за противзаконито влијание.
Предметот се судеше по втор пат, откако првата осудителна пресуда од Основниот кривичен суд беше укината од скопска Апелација.
„Сметам дека ова е пораз за правото и правдата. Ова кога го кажувам, го кажувам затоа што ниедно од напатствијата на Апелацискиот суд на кои укажуваше и сугерираше второстепениот суд, од страна на првостепениот суд не е реализирано. Ова кажува дека ваквата пресуда не може да ја издржи правната критика на одбраната преку жалба за која сметаме дека Апелациониот суд ќе ја прифати и дека или ќе ја укине првостепената пресуда или ќе закаже главна расправа на која мериторно ќе одлучи“,
вели адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски.
„Титаник 2“ се однесува на договарање за гласање за приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Струмица. Со Мијалков, првостепено се осудени лидерот на ДПА, Мендух Тачи, како и четворица од тогашните членови на ДИК. Меѓутоа, адвокатот смета дека овде нема кривично дело односно не може тие да одговараат, ако за истиот случај не се реши прашањето за евентуална одговорност и на управните судии кои за усвоениот приговор во ДИК донесоа позитивна одлука.
„Несфатливо е, и покрај укажувањата на Апелациониот суд, дека законскиот основ на кој се повикува јавниот обвинител во обвинението не е повреден од страна на обвинетите. Впрочем за тоа има одлука на Управниот суд која има сила на закон. Ако јавниот обвинител сметал дека законскиот основ е повреден тој требал прво како претходно прашање да го реши прашањето за кривична одговорност на судиите за да може евентуално да биде поништена правосилната одлука на Управниот суд. Во кривична постапка се расправа за управна постапка за која со должна почит кон Кривичен, но тој нема никаква квалификација да одлучува по истата“,
вели адвокатот.
Делото на неговиот клиент застарува во април годинава. Па така, доколку Апелација до тогаш не се произнесе до тогаш, Мијалков ќе се спаси од евентуална одговорност.
Шврговски, пак, вели дека тие како одбрана не купуваат време и го повика Судскиот совет да провери по чија вина толку долго време се водел судскиот процес префрлајќи ја топката во дворот на Кривичниот суд.
„Ова прашање требаше да го поставите на друга адреса, затоа што ако ја следите хронологијата на настаните, ќе видите дека досега ниту едно единствено рочиште не е одложено по барање на одбраната или одбраната била причина за одлагање на овој предмет. Видете во колку наврати е одлаган по три или четири месеци и од кого е одложуван – дали одбраната или е некој друг виновен. Сепак, ќе треба Судскиот совет да го разгледа овој предмет за да види која е причината што овој предмет трае толку долго … Погледнете ги датумите во колку наврати е одложуван предметот, не по причини и барање на одбраната туку по барање на судот и затоа тоа е надвор од памет дека ние сакаме или купуваме време“,
вели Шврговски.
Првата пресуда за „Титаник 2“ беше донесе во март 2019. Во декември истата година, Апелација одлучи да ја укине и да го врати предметот на повторно судење пред првостепениот суд. Од укинувањето на одлуката до донесувањето на новата пресуда поминаа повеќе од три години.
Мијалков и во претходниот и во новиот судски процес беше прогласен за виновен за исто кривично дело со тоа што со првата првостепена пресуда имаше повисока казна – три години затвор.
Со новата пресуда поблаги казни добија и Тачи и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Тие во претходниот процес беа осудени за злоупотреба на службената положба и овластувања со тоа што највисока казна од 4,5 години затвор доби Ибраими, Тачи беше осуден на три години и два месеци затвор, а останатите добија по три години.
Сега, по преквалификацијата од обвинителството, тие првостепено се осудени за делото повреда на избирачкото право, за што сите добија по двегодишни затворски казни.