Потенцијалната продажба, вредна повеќе од 500 милиони долари, не е дел од дополнителното барање на Бајден за пакетот од 110,5 милијарди долари наменет за финансирање на Украина и Израел заедно
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот да одобри продажба на 45 000 гранати за израелските тенкови „меркава“ кои ќе се користат во офанзивата против Хамас во Газа, јави Гласот на Америка, повикувајќи се на повеќе извори меѓу кои и актуелен и поранешен американски функционер.

Потенцијалната продажба, вредна повеќе од 500 милиони долари, не е дел од дополнителното барање на Бајден за пакетот од 110,5 милијарди долари наменет за финансирање на Украина и Израел заедно.
Барањето е под неформална ревизија во комисиите за надворешни работи на Сенатот и Претставничкиот дом.
И покрај зголемените критики за употреба на оружје од САД во конфликтот меѓу Израел и Хамас, Стејт департментот бара од двата одбори брзо одобрување на трансакцијата.
Администрацијата, исто така, размислува да дозволи продажба на 13 000 од 45 000 гранати според вонредната одредба на Законот за контрола на извозот на оружје за да се заобиколат комисиите на Сенатот и Претставничкиот дом, велат две американски официјални лица, додавајќи дека сè уште не е донесена конечна одлука.