Премиерот не ја потпишал одлуката за фиксно работно време, за што ќе се расправа и на следната владина седница
Премиерот Зоран Заев, по извршени консултации, одлучил да не ја потпише одлуката за времено суспендирање на флексибилното работно време на државната администрација, усвоена на вчерашната седница.
„Прашањето ќе биде повторно разгледано на следната седница на Влада, откако ќе бидат направени дополнителни анализи и проценки за целисходноста за промена на работното време на администрацијата,
соопшти владината прес-служба.
Во соопштението се нагласува дека до новата одлука, како и досега, останува флексибилно работно време за сите вработени во органите на државната управа – од 7:30 и 8:30 часот, до 15:30 и 16:30 часот, со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа.
Според вчерашната одлука, веќе од утре сите вработени во администрацијата ќе требаше да почнуваат со работа во 8 часот, а да завршуваат во 16 часот.
Синдикатот на УПОЗ денеска побара итно повлекување на одлуката за фиксно работно време бидејќи, според нив, тоа е спротивно на Гранскиот колективен договор потпишан на почетокот на годинава во кој е утврдено флексибилно работно време.