Кои се новите мерки за заштита од ковид-19, што владиниот кабинет ги усвои по сугестија на Комисијата за заразни болести
Владата на денешната седница ги прфифатила препораките на Комисијата за заразни болести за заштита од ковид-19, во ситуација кога се зголемуваат бројките на заразени и во земјава. Согласно со одлуката на Владата:
- Се ограничува работно време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен оние што вршат испорака:
- Се ограничува капацитетот на возилата на јавниот превоз на 50 отсто од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.
- Во целата државна и јавна администрација, општините и судовите, работата ќе се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано, со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите;
- Се одложува атлетската трка „23 Oктомври“ во Скопје;
- Останува забраната за присуство на публика на спортските натпревари што ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината.
Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата, исто така, го одобри Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со ковид-19.
На денешната седница, Владата ги утврди измените на Законот за градење, со кој се предвидува изградба на модуларни објекти за здравствена дејност, кои се финансирани со средства од буџетот на Северна Македонија или со средства од Европската Унија или друга меѓународна организација, заради зголемување на ефикасноста на здравствениот систем при справувањето со коронавирусот.
Владата денеска го утврди новиот текст на предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Овие дополнувања, што ќе бидат пуштени во собраниска процедура, се со цел да обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на ковид-19 за 2021 година, кои се дел од четвртиот пакет мерки.