Од Алијанса за Албанците, преку објава на својот фејсбук-профил, пишуваат дека генералот Орце Јордев, кој е поставен за директор на Генералштабот на Армијата, пред четири години не добил НАТО-сертификат бидејќи, како што велат, бил поврзан со руските структури преку „Ноќните волци“

Алијанса за Албанците (АА) предводена од Зијадин Села обвинува дека по деградирањето на албанските генерали, унапредени се белградски кадри и руски соработници.
Реакцијата од АА доаѓа откако вчера од Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, информираа дека таа извршила промени во командните структури на Армијата на Република Северна Македонија.
Од Алијанса за Албанците, преку објава на својот фејсбук-профил, пишуваат дека генералот Орце Јордев, кој е поставен за директор на Генералштабот на Армијата, пред четири години не добил НАТО-сертификат бидејќи, како што велат, бил поврзан со руските структури преку „Ноќните волци“.
Од партијата реагираат и за унапредувањето на Дејан Чиплаковски во генерал, за кој велат дека високото воено образование (училиште за национална одбрана) го завршил во 2018 година во Белград.
Со поставувањето на Бесник Емини од позицијата командант на Оперативната команда на административна позиција во Министерството за одбрана, од Алијанса за Албанците велат дека тој е деградиран и понижуван.
„Додека сиот овој ‘масакр’ се случува во Армијата на РСМ, коалицијата на ‘Вреди’ се занимава со тендери и ситни интереси“,
велат од АА во објавата.
Според АА, ова не е единствената деградација на Албанците во највисоките државни структури бидејќи, како што велат од доаѓањето на нелегитимната и моноетничка влада, Албанците се заминати и деградирани и од безбедносните служби, Агенцијата за разузнавање, Военото разузнавање и безбедност, како и од низа други значајни институции.
Откако вчера од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова информираа дека таа со укази извршила поставување на старешини на формациски места предвидени за генерали, а што е извршено согласно одредбите од Законот за одбрана, вчера реагираше и поранешниот министер за правда од редовите на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, Кренар Лога.
Реакции овие два дена стигнаа и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што велат дека намерното исклучување на Албанците од клучните позиции во безбедносните институции претставува сериозна закана за безбедноста на државата.
Од ДУИ велат дека првпат од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ниту еден Албанец нема водечка позиција во редовите на Армијата.
И од ДУИ велат дека назначувањето на генералите Орце Јордев и Мирче Ѓорѓиевски, кои добиле негативни одговори од НАТО за безбедносни сертификати, предизвикува сериозни загрижености за стратегиската ориентација на нашата земја.
Од ДУИ денеска ја повикаа меѓународната заедница, особено НАТО, да интервенира за да се адресира ова системско исклучување и да се осигури дека С Македонија е посветена на демократските вредности.
Според соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, со указите досегашниот началник на штабот во Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски е поставен за командант на Командата за операции во Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Бесник Емини, кој досега беше командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.
Бригадниот генерал Орце Јордев, досегашен советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата. Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашен директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции.