Битола, Куманово, Кичево и Тетово се моментно најкритичните градови во однос на ширењето на вирусот, а на ниво на држава за овие две недели бројот на позитивни и на хоспитализирани е зголемен за 26 проценти…
Се соочуваме со бран предизвикан од мутација на коронавирусот, кој е поразличен од претходните, со поголем број хоспитализирани, лекувањето трае подолго и тоа создава дополнителен товар врз болничките установи, изјави министерот за здравство Венко Филипче образложувајќи ги причините поради кои Владата одлучи да ги засили рестрикциите.
Според него, досегашните мерки до некаде ги стабилизирале состојбите и не дозволиле експоненцијален раст, во делот на хоспитализираните.

„Пикот се надевам беше на 31 март и на 1 и 2 април и има одредени намалувања. Сепак, бројките на новозаразени и хоспитализирани уште се големи. Притисокот врз болниците е огромен, а празниците што доаѓаат може дополнително да ја искомплицираат епидемиолошката ситуација, која тешко дека ќе можеме да ја изменаџираме. И лекувањето во болниците трае подолго. Сите места се речиси исполнети. Досегашните мерки дадоа одредени резултати, ама клиничката слика на болеста сега е многу поразлична отколку минатата година“,
рече Филипче.
Тој рече дека во регионот многу земји се соочуваат со слична ситуација. И во однос на смртноста на милион жители, посочи дека во Црна Гора стапката е 2 078 случаи, во Босна 2 071, во Словенија 1 963, во Бугарија 1 967, а во С Македонија 1 891 на милион жители.
„Иако минатата недела има намалување на инциденцата во однос на таа недела претходно, има градови каде што таа е се уште висока, како што се Куманово, Битола, Кичево и Тетово. Сите земји во регионот се соочуваат со слична ситуација, со поголем број смртни случаи и поголем број на хоспитализации во споредба со минатата година. Од тогашните седум проценти од вкупниот број заболени, сега кај нас се хоспитализираат 11 проценти од заболените“,
рече Филипче, кој додаде дека вакцинацијата засега се спроведува добро и досега се вакцинирани 10 илјади лица.
Заменик-министерот за здравство Илир Хасани посочи дека новите мерки се рестриктивни, ама се носат свесно за да се заштитат граѓаните и да ги поминат спокојно претстојните празници.
„Претстојат големи верски празници, но свесни сте дека сме во тешка општа состојба. Се најдовме пред избор: или ќе ги ограничиме постите или ќе се затвораме за Бајрам и за Велигден. Се надеваме дека тоа нема да се случи и дека празниците ќе ги поминеме без големи ограничувања“,
рече Хасани,
Порача граѓаните да внимаваат за време на празниците, особено имајќи ја предвид традицијата на посета на повозрасните граѓани.

„Иако мерките се непопуларни, ги преземаме за да го намалиме притисокот врз болниците, но и да го спречиме ширењето на вирусот. Да ги почитуваме сите мерките и да се надеваме дека ефектите ќе бидат позитивни“,
рече Хасани.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски оцени дека епидемиолошката состојба е е неповолна и несигурна. Ако не се воведат мерките, рече, ќе има колапс на медицинскиот кадар кој сѐ уште е функционален.
„Има два клучни момента зошто сега се носат овие мерки: Ова не е истиот вирус што го имавме во ноември и поради кумулативниот број на хоспитализирани болни и лица што беа позитивни се разликува во однос на ноември. Тогаш имавме од 800 до 1 000 случаи дневно и бевме способни да ги изменаџираме. Во последните три недели се случува ‘бум’ во бројот на позитивни случаи, односно просечниот број позитивни се движи од 1 200 до 1 300. Претходно, сме имале и 1 400 и 1 500 случаи, ама во сабота и во недела, обично кога бројките не се релевантни, сме имале и 600 и 700 случаи. Сега се насобраа огромен број случаи и за краток период, од две до три недели, се наполнија болниците“,
рече Караџовски

Тој ги посочи очекуваните ефекти од воведените мерки: Во период од 14 дена да се растоварат здравствените работници и да му се овозможи на МЗ да обезбеди нови капацитети, а исто така и да се обезбедат поголем број вакцини. Оцени дека во моментов сме во неповолна состојба, зашто на цела територија имаме распространето ширење на вирусот, но, рече, не би ја оценил состојбата како катастрофална, зашто се уште се менаџира и се уште има капацитети за хоспитализација.
„Не можеме за шест месеци да направиме нов кадар. Проблем во моментов ни е медицинскиот персонал, иако успешно се менаџираат сите случаи и ниеден пациент не е оставен да страда и да не биде хоспитализиран. Меѓутоа, здравствените работници се преморени, се уште се функцонални, но не знаеме до кога. Доколку дозволиме да не се спроведат мерките, ќе се соочиме со колапс на здравствената состојба медицинскиот персонал“,
истакна Караџовски на прес-конференцијата.
Додаде дека епидемиолошката состојба, се анализира на недела и на две недели и дека, за разлика од пред една недела, кога имало 12 000, сега се над 21 000 активни случаи. На ниво на држава, за овие две недели е зголемен за 26 проценти бројот на позитивни и на хоспитализации. Караџовски посочи и дека факторот на прнеосливост не е ист во цела држава и дека моментно најголем проблем е Битола каде Р0 е 1,48, потоа е Куманово со 1,18, Тетово има нешто над 1 Р0, а Скопје првпат е под 1, т.е. 0,99.
е