Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за лажната вест за неговата оставка, придружена со фалсификуван документ.
– Отворена е истрагата, ќе видиме колку брзо таа ќе се одвива и како ќе заврши. Според едно сценарио, од луѓе вработени во Собранието бил пренесен тој фалсификуван документ кон еден медиум. Ќе видиме што ќе покаже истрагата. Не можам да видам политичка логика, што точно била намерата и што би се постигнало. Мислам дека е крајно неодговорно, прво е сериозно кривично дело, второ неодоговорно е кон државата за било кој министер, вклучувајќи и министер што има толку чести контакти со други држави, бидејќи тоа ми е работата. Не знам ова каков мерак е со оставките. Од една страна ми кажува дека добро си ја работам работата штом станувам таква цел на, како што го нареков, специјална војна. Еднаш со Орданоски имав интервју, кога беше актуелен предлогот „Илинденска Македонија“, и тоа постојано се спинува. Јас и тогаш кажав, мојата политичка кариера споредено со ова прашање е толку небитна… во моментот кога ќе оценам дека моето тргање од приказнава и од должноста, ќе помогне на процесот, со две раце потпишувам. Тоа беше и тогаш исказот. Меѓутоа сега, после целово ова искуство, после овој успех, Бугарија прво, па Грција второ, па целосен пресврт на имиџот на Македонија во меѓународните односи, во очите на ЕУ, во очите на НАТО, во очите на регионот… после 609 илјади и неколку стотици граѓани коишто во една комплексна ситуација, за тешко прашање, со големи дезинформации, заокружија „за“, ние имаме должност се од себе да дадеме, да ја застанеме Македонија на нозе и да го направи овој чекор напред. Да успееме ние Македонија да си ја оправиме, ич нема да има проблем, пак ќе зборуваме после тоа за оставки, ама имаме сега должност – рече Димитров.
Напишете коментар