Наследниците на Бочварски и на Јахоски ќе имаат мандат од нецела година, со оглед на тоа што следната есен, во 2021 година, треба да се одржат редовните локални избори
Државната изборна комисија ќе заседава попладнево за да утврди роковник за спроведување дополнителни избори за градоначалници на Штип и на Пласница откако Благој Бочварски (СДСМ) стана министер за транспорт и врски, а Исмаил Јахоски (ДУИ) пред тоа беше избран за пратеник.
Според информациите од ДИК, претседателот на парламентот Талат Џафери денеска го потпишал решението за распишување избори во двете општини, по што веднаш е свикана седницата на Комисијата. Првиот круг од изборите за нови градоначалници ќе се одржи на 13 декември, а евентуалниот втор круг на 27 декември годинава.
Новите градоначалници ќе имаат мандат од нецела година, со оглед на тоа што следната есен, во 2021 година, треба да се одржат редовните локални избори.
Последните локални избори се одржаа на 15 октомври (првиот круг) 2017 година, кога СДСМ и ДУИ, настапувајќи во коалиција обезбедија убедливо најмногу градоначалнички места и мнозинство во повеќе општини.
Во меѓувреме, имаше уште едни дополнителни избори за градоначалници во три општини: Охрид, Дебар и Ново Село. Овие дополнителни избори се одржаа паралелно со претседателските избори пролетта 2019 година. Во Охрид и во Дебар дополнителните избори беа распишаа поради ненадејната смрт на претходните градоначалници, додека тогашниот градоначалник на Ново Село поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна.
Во општина Штип се запишани бизу 42 илјади гласачи, според податоците од избирачкиот список за годинешниве парламентарни избори. Во Пласница, пак, има околу 5 000 гласачи.