Субвенции за компаниите кои ќе вработат припадници на помалите етнички заедници неодамна најави вицепремиерот Артан Груби, кој рече дека тоа било предвидено во изборната кампања на ДУИ и прифатено во владината програма
Фирмите во приватниот сектор неколку години наназад добиваат државни субвенции доколку вработат граѓани од таргетирани ранливи категории од етничките заедници.
Како што посочува телевизија Алсат, во 2018 година субвенции добивале работодавачите кои ќе вработат жени од помалите етнички заедници, но во последните две години оваа ставка е променета со вработување на жени од сите етнички заедници. Па така, секој работодавач кој по некој од овие основи вработил лице во неговата фирма добива субвенционирана бруто плата во износ од 19 илјади денари за период од три, шест месеци или една година.
На последниот оглас објавен оваа година во јуни, Агенцијата нуди субвенции за фирми кои ќе вработат жени припадници на ромската етничка заедница и жени од останатите етнички заедници. Од Агенцијата за вработување велат дека оваа субвенционирана мерка е со цел да им се помогне на различни категории на граѓани кои подолго време не можат да се вработат, жртви се на семејно насилство или се самохрани родители.
Оваа програма е дел од оперативниот план за вработување на Владата за што беа издвоени 1,4 милијарди денари. Колку пари се издвоени конкретно за субвенционирање на мерката за вработување на жени од етничките заедници не е познато, но од Агенцијата за Алсат велат дека изминативе години колку што се спроведуваа оваа мерка имало голем интерес од фирмите.
Инаку, субвенции за компаниите кои ќе вработат припадници на малцински етнички заедници, неодамна најави вицепремиерот Артан Груби.
Тој рече дека вработувањата во приватен сектор по национален клуч било предвидено во изборната кампања на ДУИ и прифатено во владината програма, но посочи дека не знае како би се реализирало.
Објаснувајќи ја неговата изјава, премиерот Зоран Заев пак, рече дека субвенции ќе има, но предност ќе имаат квалификуваните работници, без разлика на етничката припадност.