Околу 80 вработени во СЈО се загрижени поради тоа што пратениците го укинаа најголемиот дел од буџетот, кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) требаше да го добие за 2020 година и ги обвинуваат дека направиле флагрантно прекршување на законот.
Сто седумдесет и еден предмет во различна фаза од ова обвинителство неколку месеци се во редовното обвинителство. Тие, велат за „360 Степени“ од Јавното обвинителство, им се предаваат на обвинителите од СЈО, а во некои Љубомир Јовески можеби ќе делегира и дополнителни обвинители да работат со нив. Паралелно, власта подготвува сосема нов закон за јавно обвинителство, а стариот предлог, кој летово влезе и во собраниска процедура, ќе се повлече. Официјално, новиот предлог-закон не се открива, но тој треба да даде и многу одговори.
Вработените во СЈО во прашалници

„Со загриженост и неверување ја примивме информацијата дека на седница на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието едногласно е изгласан амандман на буџетот за 2020 година со кој финансиските средства предвидени за СЈО се пренаменуваат за друг буџетски корисник, поточно за спроведување на предвремените парламентарни избори“, со вакво соопштение попладнево се огласија околу 80 вработени во СЈО.
Тие обвинуваат дека е направено флагрантно кршење на законот, што повлекува и кривична одговорност. Ваквите обвинувања ги објаснуваат со тоа дека според Законот за СЈО, кој важи до 15 септември 2020 година, ниту Министерството за финансии ниту пратениците не можат да го менуваат побараниот буџет.
Ова, велат дел од вработените во разговор со „360 степени“, не е реакција затоа што ќе нема пари за плати, бидејќи не е скратен целиот планиран буџет во износ од околу 4 милиони денари, туку со амандманот буџетот им е намален за околу 3 милиони, што значи дека средства за исплата на плати има.
Кратењето на буџетот, наведуваат тие и во објавеното соопштение, значи дека се одземени парите наменети за тековните обврски – сметките за комунални услуги, киријата, трошоците за чувањето на материјалите итн.
Што ќе се случи со „бомбите“, со просторот и со самата институција, која е формирана со специјален закон, вработените се надеваат дека одговори можеби ќе има во новиот закон за јавно обвинителство.
Дека веројатно ќе се предложи нов закон, „360 степени“ објави викендов. Содржината е готова, но предлогот сѐ уште е во работна верзија во рамки на владината коалиција и затоа од Министерството за правда не откриваат детали.

Дел од тоа што се подготвува денеска објави „Дојче веле“. Според тоа, надлежностите што ги имаше СЈО би требало да ги преземе постојното Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кое во моментов раководи Вилма Русковска, а обвинителите од СЈО да продолжат да ги работат истите предмети.
171 предмет од СЈО завршија во ЈОРМ, дел се веќе во рацете на истите обвинители
По избивањето на аферата „Рекет“, во која уште од почетокот се вмеша името на шефицата на СЈО, Катица Јанева, таа даде оставка, но и согласност редовното обвинителство да ги преземе случаите. Државниот обвинител Љубомир Јовески ги презеде предметите, а тие кои се во судски процеси веднаш ги распореди кај специјалните обвинители кои Советот на јавни обвинители ги врати во матичните обвинителства.
На почетокот на декември Јовески на брифинг со новинарите посочи дека останале уште 9-10 истраги за кои треба да се овласти обвинител. Од обвинителството и денеска се воздржани околу деталите што се случува со истрагите и со останатите предмети, дали можеби некоја од истрагите е веќе завршена или не. Во одговорите што ни ги испратија оттаму наведуваат дека предметите завршуваат кај истите обвинители.
„Овластувања за постапување по предмети им се дадени на јавни обвинители кои беа распоредени од СЈО. Приоритетно јавни обвинители се распределуваа во предметите кои се во фаза на судење, од причина што беше неопходно да се обезбеди непречен тек на постапката. Понатаму, во континуитет се распределуваат предметите што се во истражна, како и оние што се во предистражна постапка. Зависно од обемот, сложеноста на секој предмет поединечно, можно е во дел од предметите да се распределат и други јавни обвинители кои заедно ќе постапуваат во нив“, велат од обвинителството.
Оттаму велат дека во континуитет преземаат дејствија, но детали во моментов не се во можност да споделат, па затоа без прецизен одговор остана и нашето прашање дали дел од истражните дејствија (собирање докази, искази, вештачења) ќе се повторат затоа што се преземени по истекот на рокот од 18 месеци што го имаше СЈО.

Кога станува збор за истрагите, „360 степени“ пред два месеца пишуваше дека дел повторно се доделени на обвинителите кои беа дел од СЈО.
Тоа се: „Империја“, против бизнисите на Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделевски и други, која ја води обвинителката Лиле Стефанова; „Поштенска банка“, предмет за приватизацијата на банката, која ја води Бурим Рустеми; „Актор“, против Никола Груевски и други за изборот на изведувач за автопатот Демир Капија – Смоквица, која ја води Гаврил Бубевски; „Друмарина“, за патните трошоци на Силвана Бонева, истрага која ја води Артан Ајро.
Статистиката во редовното обвинителство покажува дека тие од СЈО презеле 171 предмет и тоа:
- 3 предмети по кои е донесена правосилна пресуда;
- 2 предмета за кои е донесена првостепена пресуда;
- 20 предмети кои се во фаза на судење;
- 19 предмети по кои се спроведува истрага;
- 6 предмети кои се во предистражна постапка;
- 80 предмети од кои дел се однесуваат на предистражна постапка и дел по барања за воспоставување надлежност на СЈО;
- 38 предмети по кои се спроведува финансиска истрага;
- 3 предмети по вонредни правни лекови.