Најголемиот дел од сведоците што се повикани за денеска на предлог на обвинителството се лица чии телефонски броеви биле прислушувани во периодот од 2008 до 2015 година
Директорот на Комерцијална банка, Хари Костов, кој бил цел на масовното прислушување во периодот од 2008 до 2015 година, е еден од сведоците кои денеска во Основниот кривичен суд во Скопје беше повикан да сведочи како оштетен.
Костов рече дека му биле прислушувани два телефонски броја и бил меѓу најприслушуваните луѓе надвор од политиката.
Прислушувањето, рече, можеби не му нанело штета нему лично, но можеби им нанело на фирмите клиенти на банката. Тој објаснуваше дека, на пример, кога бил надвор од земјава, другите директори во банката му се јавувале на телефон за да прашаат дали да дадат гаранција на одредена фирма која сака да учествува на некој тендер.
Тоа што некој ги слушал ваквите разговори, можело да им нанесе штета на фирмите.
„Надлежните директори во банката ме барале да ме прашаат дали одобруваме некоја зделка, односно од мене барале согласност за издавање гаранција на некои фирми за учество на тендери за јавни набавки. На пример, кога една градежна компанија се јавува на повик за лицитација и кога од нас побарала гаранција, мене директорите ќе ме прашаат дали може да извадиме гаранција, да речеме, од 30 милиони денари. Со оглед дека гаранцијата претставува десет отсто од учеството ја јавната набавка, тогаш тој што ги прислушувал разговорите можел да ги даде податоците на други фирми конкуренти и со тоа да им нанесе штета на фирмите“,
сведочеше Костов.
Тој наведе и конкретен пример со вакво сомнение, па рече оти од некоја градежна компанија имале информација дека конкурентска фирма ги победила на лицитација за нецели 1 000 денари.
Костов рече дека ако во случајот „Таргет-Тврдина“ се утврди дека отштета треба да плаќа државата, нема да бара, но ќе побара ако тоа бидат налогодавците.
Сведочеше и ексразузнавачот Слободан Богоевски, кој рече дека кон средината на 2008 година од вработени во УБК бил предупреден дека неговите комуникации се следат, а во исто време времено се организирало и физичко следење.
На почеток, рече, не го сфаќав тоа сериозно бидејќи сум работел во таа служба долги години и навикнати сме на такви околности.
„Но, како изминуваше времето се повеќе добивав такви информации од вработени и раководни лица во УБК, ми велеа да внимавам што зборувам, со кого се среќавам“,
рече Богоевски.
Тој рече дека има докази дека во 2009 на незаконит начин биле барани ПИ-мерки за него и дека обвинетиот Сашо Мијалков се среќавал со судии и обвинители и барал да носат одлуки.
Рече дека го „прилепувале“ кон разни случаи само за да траат ПИ-мерките бесконечно. Благодарение на незаконското прислушување, рече тој, се засновале случаи и обвиненија. Ексразузнавачот побара отштета од еден милион евра.
Најголемиот дел од сведоците што се повикани за денеска на предлог на обвинителството се лица чии телефонски броеви биле прислушувани во периодот од 2008 до 2015 година. Меѓу најавените сведоци има новинари, адвокати, истакнати личности од општествено-политичкиот живот и други. Мери Јордановска, Зоре Темелковски, Владимир Пивоваров, Трајче Арсов, Звонко Давидовиќ, Хари Костов… се имињата кои на минатото рочиште беа споменати меѓу оние што денеска треба да сведочат.
На обвинителна клупа во „Таргет-Тврдина“ седат бившиот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, началникот на Петтата управа Горан Грујевски, ексразузнавачот Никола Бошковски и уште неколку лица вработени во УБК. Обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која за ова рочиште треба да биде спроведена од затворот „Идризово“ каде што влезе пред два дена на издржување на четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“.
Според обвинението за „Таргет-Тврдина“, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На 1 541 број, пак, комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле прислушувани 5 827 телефонски броја. Прислушувањето, според обвинителството, опфатило над 20 илјади граѓани.