
„Постојат многу малку работи во светот во кои Македонија е на 10. место или, ако сакате во топ 10, во најдобрите 10 во светот. Едно од тие, од денеска и официјално, според Светска банка, е Република Македонија во делот на создавање најдобра бизнис-клима“,
изјави во октомври 2016, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка беше еден од главните елементи во пропагандните кампањи на владите на Никола Груевски кон домашната јавност, во обидите да се придобијат гласови за изборите, но и кон странската, во обидите да се привлечат странски инвестиции. И не само на владите на Груевски, туку на владите во многу други држави, кои 17 години, колку што трае историјата на „Дуинг бизнис“, го користеа извештајот за да ги покажат компаративните предности за водење бизнис во нивните во однос на други земји.

Така беше сè до пред неколку недели, кога Светска банка, која стои зад „Дуинг бизнис“, обелодени дека во октомври годинава нема да го објави редовниот извештај. „Дуинг бизнис“ оди на пауза – колкава, засега не се знае.

Причината, како што објаснуваат од Светска банка, се „многубројните пријавени нерегуларности за промената на податоците за извештаите за 2018 и 2020 година, објавени во 2017 и 2019. Промените во податоците беа неконзистентни со методологијата на ‘Дуинг бизнис’“, пишува во соопштението на Светска банка.
Што значи тоа? Дека не се почитувала методологијата пропишана од Светска банка за рангирање на државите во извештаите на „Дуинг бизнис“ . Од банката објаснуваат дека интегритетот и непристрасноста на податоците и анализите што ги објавува се од клучно значење и затоа, освен што ќе паузира со објавување на извештајот, ќе спроведе систематска ревизија и проценка за извештаите во последните пет години.
„Дуинг бизнис“ и пред оваа одлука на Светска банка беше сметан за, во најмала рака, проблематичен извештај, зашто се темелеше на индикатори за правната рамка за водење бизнис – она што е дефинирано во законите и другите прописи на хартија, а немаше начин да се измери дали тоа се применува и во пракса. Поради тоа, често имаше проблем да се објасни добрата позиционираност на некоја држава, вклучувајќи ја и Македонија.
Истрагата која, како што најави Светска банка, ќе оди 5 години наназад, ќе ги опфати и „златните времиња“ на Македонија – 30. во 2015-та, 12. во 2016-та, 10. во 2017, 11. во 2018-та.

„И годинава, како што знаете, невработеноста константно опаѓаше, така очекувам и во наредниот период, сега кога е извесно дека избори ќе има. Очекувам натамошен раст на сите индустриски и економски параметри“,
велеше Груевски во октомври 2016, пред парламентарните избори во декември.

Високото рангирање на земјава на „Дуинг бизнис“ беше еден од главните ПР-елементи на власта на Груевски за да се покаже „економскиот подем“, како што тогаш се нарекуваше.

„Деловното опкружување останува единствен предуслов за развој на приватниот сектор“,
изјави во ноември 2016 тогашниот министер за финансии Кирил Миноски.
Наодите во „Дуинг бизнис“ ѝ годеа и на поставата на СДСМ, која во јуни 2017 дојде на власт.

„Тоа е спротивно на она што опозицијата го најавуваше – дека Македонија ќе назадува во ова рангирање“,
изјави во октомври 2018 тогашниот министер за финансии од редовите на СДСМ, Драган Тевдовски.
Со одлуката за ревизија, Светска банка ги потврди сомневањата на експертската јавност дека нешто не е во ред со нејзините годишни рангирања и дека креира лажна слика за реалната бизнис-клима во некои држави.

„Што навистина се случува на пазарот најдобро се следи преку анкетите на стопанствениците – кога на терен ќе ги прашате луѓето со што се соочуваат, какви им се проблемите, дали постојат одредени нерегуларности, дали државата протежира некои фирми, дали некои тендери се местат, дали иако што законски треба да добиете решение во одреден временски период, сепак мора некому ‘под маса’ да му платите за да го забрзате процесот… Тоа не можеме да го видиме низ овој индекс“,
вели доцентот на Економскиот факултет во Белград, Светозар Танасковиќ.
Ревизијата се покренува најмногу поради укажувања за лажирање на податоците во полза на Русија, Кина, Саудиска Арабија, Азербејџан… Но, ако имало манипулации за едни, нема гаранции дека немало и за други земји. Истрагата е во тек.