Две лица се приведени откако ноќеска околу еден час по полноќ прегазиле полицаец на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, лишени од слобода се А.Д.(19) и К.М.(21), двајцата од Скопје, затоа што околу 01.00 часот на бул.„Борис Трајковски“ со возило „цитроен берлинго“, кое го управувал А.Д., а сопатник бил К.М., удриле и повредиле полициски службеник кој извршувал службени дејствија во областа на сообраќајот (мерење со радар), по што побегнале од местото.
„По преземени мерки тие биле пронајдени и приведени во полициска станица“,
се вели во полицискиот дневен билтен.
По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок. Повредениот полициски службеник бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Увид извршила екипа од СВР Скопје.