Вангеловски е обвинет дека како претседател на Врховниот суд не ѝ исплатил додаток на плата на својата колешка, врховната судијка Лидија Неделкова
По околу половина година откако и официјално е разрешен од функцијата претседател и судија на Врховниот суд, Јово Вангеловски денеска седна на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје.
За денеска беше закажан стартот на судскиот процес во кој тој е обвинет за злоупотреба на службената положба, но на негово барање, поради неподготвена одбрана, првото рочиште се одложи.

На обвинителна клупа за додаток на плата од 31 839 денари
Вангеловски треба да се брани од обвинението дека како претседател на Врховен не ѝ исплатил додаток на плата на својата колешка, врховната судијка Лидија Неделкова.

Во судот се појавија и тој и Неделкова, како и обвинителката Спасенка Андоновска. Неделкова дојде со адвокат, а Вангеловски се појави сам.
„Обвинителниот предлог го примив 21.9.2020, непосредно пред одржување на рочиштето. Тоа е недоволно време согласно закон за да ја подготвам мојата одбрана. Видов и дека се предлагаат неколку писмени докази кои не ми беа доставени и со самото тоа ми е оневозможено подготвување на одбраната, односно нееднаквост на странките. Од тие причини барам одлагање на денешната расправа“,
рече Вангеловски додавајќи дека дополнително ќе ангажира и свој бранител.
Надлежна судијка во овој предмет е Даниела Алексовска-Стојановска, која во консултација со странките следното рочиште го закажа за 29 октомври.
На излегување од судската зграда, екссудијата не сакаше да даде изјава за новинарските екипи.

Случајот со додатоците на плата го истражуваше Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје од каде што на 7 јули годинава поднесоа обвинителен предлог.
Станува збор за исплаќањето додатоци на платите за ноември 2018. Според обвинителството, на 30 ноември 2018, Вангеловски како претседател на судот донел поединечни решенија за сите судии во Врховен и им утврдил додаток на платата од 35 проценти. Овој додаток законски им следува на судиите поради посебни услови за работа, постоење висок ризик и доверливост. Меѓутоа, такво решение тој не потпишал за Неделкова, која требало да земе додаток од 31 839 денари.
„Свесно, со намера потешко да ѝ ги повреди правата, обвинетиот не донел Решение за исплата на додаток на плата во износ од 31 839 денари за оштетената – судија во Врховниот суд, која во конкретниот период не користела отсуство од работа. Обвинетиот постапил спротивно на член 7-б од Законот за платите на судиите и член 7 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судиите во Република Македонија донесен од Судскиот совет на Република Северна Македонија, со што го сторил кривичното дело кое му се става на товар“,
соопштија од ОЈО Скопје на 7 јули 2020, кога го подигнаа обвинението.
Ослободувањето на Сеад Кочан – причина за разрешувањето на Вангеловски
Од првостепеното разрешување од функцијата претседател на Врховниот суд и судија до денес помина една година и десетина дена, одлука која стана правосилна пред нешто повеќе од шест месеци (9 март 2020).
Причината за разрешувањето беше несовесно вршење на функцијата, конкретно поради случајот со укинувањето на притворот за бизнисменот Сеад Кочан пролетта 2017 госина кога тој беше осомничен во предметот „Труст“ на СЈО (сега правосилно осуден на затворска казна). Вангеловски и уште двајца други судии со своите гласови „за“ го ослободија бизнисменот од притвор и му овозможија да се брани од слобода, во момент кога тој се наоѓаше во бегство.

Поради ова, Судскиот совет на 10 септември 2019 донесе одлука за разрешување на Вангеловски.
Потоа тој поднесе жалба, за која требаше да пресече токму Врховниот суд бидејќи според Законот за судски совет, жалбата се поднесува до Совет за жалба во Врховен. „360 степени“ во текот на изминатата зима во неколку наврати известуваше за постапката за разрешување во највисокиот суд, која траеше повеќе од два месеца.
Имено, Советот за жалба беше формиран на 3 јануари 2020 година и според Законот за судски совет, тој требаше да донесе одлука за најмногу 30 дена. Во случајот на Вангеловски, Советот за жалба ја донесе одлуката со задоцнување од над еден месец – на 9 март 2020.
Основната причина, како што брифираа тогаш упатени извори во Врховниот суд, е што токму Вангеловски користеше разни правни механизми кои ја одолговлекуваа постапката. Уште пред првата седница на Советот, Вангеловски побара лично присуство, што му беше одобрено. Но, потоа, судот не можеше да го најде за да му изврши уредна достава на покана. Потоа, на првата седница, бараше нејзино одложување кое му беше одбиено, па потоа побара изземање на целиот Совет. Неколку дена подоцна поднесе и претставки против дел од судиите кои требаше да донесат одлука во Советот за жалба.
Вангеловски на функцијата претседател на Врховен суд беше избран на 13 март 2017 на седница на Судскиот совет. Една на најекспонираните работи во јавноста која го одбележаа овој негов мандат на чело на највисокиот суд е и начелното правно мислење за предметите на СЈО. На 30 јануари 2019 година, Врховниот суд донесе начелно правно мислење со кое го прогласи СЈО за неовластен тужител за „преземање јавнообвинителски работи на предистражни и истражни постапки“ по истекот на рокот од 18 месеци од денот на преземање на предметите и материјалите.
Ова не беше негов прв мандат на оваа позиција. Без претходен стаж како судија, а со адвокатска кариера од 20-ина година, на 20 мај 2008-та, тој беше избран за судија во Врховен, а само два месеца подоцна (17 јули 2008) стана и претседател на овој суд – функција која ја извршуваше во наредните четири години.
Чување предмети во фиока
Предметот за надоместокот на плата не е единствениот за кој ОЈО Скопје го испитува работењето Врховниот суд, во периодот кога Вангеловски беше претседател.
Во февруари годинава, од скопското обвинителство посочија дека оформиле предмет за случај со чување на неколку десетици предмети, кои в.д. претседателот на Врховен, Фаик Арслани, ги затекнал во фиока по преземањето на функцијата токму од Вангеловски.
Арслани тогаш го извести Судскиот совет за затекнатата состојба, а оттаму потоа испратија известување до обвинителството.

„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија го прими известувањето за кое покажувате интерес. По разгледувањето на информацијата, предметот е испратен на натамошно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје. Веднаш по приемот, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет кој е распореден кај надлежен јавен обвинител. По насоки на јавниот обвинител, започнати се проверки во Врховниот суд во насока на утврдување на фактите“
одговорија од обвинителството на прашањата од „360 степени“ на 27 февруари.
За чувањето предмети, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, соопшти дека дека ја известиле и Антикорупциската комисија.
Во моментов овој случај е во предистражна постапка и нема квалификација дека е сторено кривично дело од некого. Од обвинителството велат дека очекуваат одговори на барањата што ги испратиле до Врховен и до Судскиот совет, за да дадат податоци за предметите кои биле чувани. Барањата се испратени уште во февруари.
„Податоците се неопходни за да се утврди фактичката состојба во предметот од која ќе зависи и евентуалната правна квалификација на сторено кривично дело. По барањата доставени кон крајот на февруари сè уште се постапува, а надлежниот обвинител испрати и ургенција за постапување до соодветните институции. Доколку притоа биде утврдено дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности“,
велат од обвинителството додавајќи дека за заштита на презумцијата на невиност и тајноста на постапката не можат да споделуваат детали за евентуални постапки кои се во фаза на предистрага и истрага.