Мицкоски едноставно можеше да си даде оставка и така ќе имаше вонреден конгрес, велат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму го обвинуваат Мицкоски дека не е искрен во неговите намери и дека нема кредибилитет да именува или разрешува органи во партијата.
„Да беше искрен во предлогот за вонреден конгрес и намерата да не се кандидира, ќе ја искористеше можноста што ја дава статутот, ќе си дадеше оставка и ќе беше свикан конгресот, наместо да прави театар злоупотребувајќи го Централниот комитет, кој е со истечен мандат. Сè уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет да именува или разрешува партиски органи. Единствено чесно од негова страна би било извинување до членството за претрпените порази, преземање на одговорност, оставка и закажување на вонреден конгрес“,
велат иницијаторите во заедничкото соопштение испратено до јавноста.
Нивниот коментар доаѓа откако вечерва на седница на Централниот комитет (ЦК) Мицкоски соопшти дека им понудил да се организира вонреден конгрес на кој тој нема да се кандидира за нов мандат за претседател на партијата, но тие едногласно го одбиле.
На истата седница на ЦК, беше избран и нов состав на Извршниот комитет, за кој, пак, иницијаторите велат дека не нудат ништо ново.
„Тајмингот и начинот на кој што го предлага новиот извршен комитет покажува само дека Мицкоски не го почитува конгресот и делегатите кои го избрале. Наместо да побара поддршка на вонреден конгрес и потоа со легитимитет да ја води партијата, доколку добие доверба, Мицкоски одлучува да се коцка со ВМРО-ДПМНЕ и да предлага нови структури кои во суштина не нудат ништо ново“,
наведуваат од Иницијативниот одбор.
Тие повторно го потсетуваат лидерот дека јавно ветил оти ќе се повлече доколу не победи и не успее да формира влада, а во вечерашното соопштение го обвинуваат и за сомнително трошење на пари за рекламирање – случај за кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред неколку дена влезе во три фирми да ја проверува документацијата.
„Мицкоски загуби и немаше капацитет да формираше влада. Поразот на избори е највеќе заради тоа што нема капацитет да обединува. Ни граѓаните, ни партиските членови во него не гледаат лидер. Парите наменети за изборно рекламирање ги трошеше по сомнителни портали, а на вмровските листи вметнуваше ликови како Сафет Бишевац кои до вчера го навредуваа и омаловажуваа членството“,
велат иницијаторите.
Во вечерашното соопштение тие го повторуваат и ставот Мицкоски е изолиран, без поддршка од домашната и меѓународната јавност, и како таков му одговара само на Зоран Заев бидејќи со сигурно може да го „гази“ на избори.
Со коментар за вечерашните случувања во ВМРО-ДПМНЕ излезе и СДСМ според кој партијата докажала дека на чело со Мицкоски нема капацитет да се реформира.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, доцна вечерва им возвратија и на иницијатори и на социјалдемократите, велејќи дека не ни очекувале да ги поздрават одлуките на Централниот комитет.
„Новите одлуки на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ единствено не им се допаѓаат на Заев и хотелската коалиција која одработува за него. Не ни очекуваме да ги поздрават одлуките, затоа што тие се насочени кон победа над мафијата и организираниот криминал на власта. За разлика од Заев кој не најде сила за никакви промени по драматичниот пораз од 200 илјади гласови разлика во 2014 година и поразот во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ покажа сила за катарза и промени“,
возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.