Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува, предводена од Христијан Мицкоски партијата покажа дека нема капацитет да се реформира, е дел од коментарот на СДСМ откако опозициската партија вечерва на седница на Централниот комитет избра нов Извршен комитет.
Мицкоски излезе и со изјава дека понудил вонреден конгрес на кој тој нема да се кандидира за претседател, но едногласно бил одбиен. Од СДСМ, пак, велат во секоја демократска партија е нормално да има Конгрес после избори.
„Откако Христијан Мицкоски и трет пат изгуби на изборите, бегалецот Никола Груевски му скрои нов Извршен комитет во обид да го зачува на позицијата и да му ја спаси фотелјата во белиот дворец. Секоја демократска партија е нормално да одржи Конгрес после избори, само Мицкоски се плаши од сопствените членови, како и од граѓаните“,
велат социјалдемократите.
Од владејачката партија го коментираат и составот на новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека овие т.н. големи промени се со стари и потрошени кадри, послушници на Груевски.
„За нови лица Мицкоски ги нуди Антонио Милошоски против кого се водат предмети и човек кој се криеше од судски доставувачи; Рашела Мизрахи која од позиција на министерка го кршеше Уставот и законите; Гордана Димитриевска-Кочовска која блокираше средства од Светска банка за помош на здравството; Марија Андоновска за која цела јавност слушна како Гордана Јанкуловска лобирала да се вработи во Фонд за здравствено осигурување“,
велат од СДСМ.
Инаку, покрај лицата кои ги коментираат од владејачката партија во новиот Извршен комитет се и: потпретседатели Александар Николоски и Владимир Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов (УМС), Никола Мицевски (координатор на пратеничката група), Стефан Андоновски, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Маркоски, Трајко Славески, Влатко Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски и Кирил Пецаков.
Со критики кон Мицкоски вечерва излегоа и од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес, од кој посочија дека наместо театар партискиот лидер можел да ја искористи можноста што ја дава партискиот статут, да си даде оставка и на тој начин ќе беше свикан конгресот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, доцна вечерва им возвратија и на иницијатори и на социјалдемократите, велејќи дека не ни очекувале да ги поздрават одлуките на Централниот комитет.
„Новите одлуки на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ единствено не им се допаѓаат на Заев и хотелската коалиција која одработува за него. Не ни очекуваме да ги поздрават одлуките, затоа што тие се насочени кон победа над мафијата и организираниот криминал на власта. За разлика од Заев кој не најде сила за никакви промени по драматичниот пораз од 200 илјади гласови разлика во 2014 година и поразот во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ покажа сила за катарза и промени“,
возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.